Здрави и експресни слатко-лути кекси

За убав почеток на новата недела, домашни кекси, без шеќер, а слатки, ама и малку лути, таман колку да ви го заголицкаат непцето

0
172

Состојки:

200 г интегрално брашно

200 г ситни овесни снегулки

120 г путер на собна температура

1 јајце

1 лажиче прашок за пециво

1 ванилин шеќер

2-3 лажици мед, по ваш вкус

50 г рендано црно чоколадо (ние ставивме од тоа со чили пиперче што на кексите им даде поспецифичен слатко-луткаст вкус)

1 рака сечкани ореви, бадеми, лешници или друго јаткасто овошје

Приготвување:

Изматете ги јајцето, медот и омекнатиот путер.

Во друг сад измешајте ги сувите состојки, додадете го ренданото чоколадо (ако остане некое малку порупно парче, не е проблем, ќе се стопи во печењето), а потоа соединете ги со смесата од влажни состојки.

Смесата ќе биде густа, но внимавајте да е добро измешана за да се распоредат добро состојките.

Обликувајте топчиња од смесата кои потоа малку ќе ги сплескате со рака и наредете ги врз хартија за печење.

Печете ги во загреана рерна на 180 степени 10-15 минути, во зависност од големината на колачите.

Кога ќе ги извадите од рерната ќе биде меки, но кога ќе се оладат ќе станат поцврсти и крцкави.

Доволно е за појадок да земете едно-две со кафе или чај.

Така барем обично се вели, ама единствената причина поради која ние се сопревме на толку, е тоа што од оваа доза излегоа само 14 колачиња.