Храната е култура и идентитет. Производството и подготовката, но пред сé уживањето во неа, има посебна општествена и социјална вредност. Собирањето, пак, околу трпезата уште од дамнина претставува врвен семеен „настан“, прилика за разговор, за споделување убави и неубави случки, за зближување.
Вака МИА го почнува разговорот со Марјан Костадиновски, еден од организаторите и координатор на првиот Филмски фестивал за храна „Трпеза филм фестивал“ (ТФФ), што ќе се одржи во Скопје на 16 октомври во Кинотеката на Македонија.
Преку неколку кратки и четири долгометражни документарни филмови, фестивалот насловен „Храна во кадар“, ќе ја испрати пораката за важноста на локалните производители и ресурси, за зачувување на биодиверзитетот, растителниот и животинскиот потенцијал, како и за заштита на животната средина.
Зад „Трпеза филм фестивал“ стојат членовите на Слоу фуд Водно и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) која годинава одбележува 75 години постоење.
Одржувањето на ТФФ воедно се совпаѓа, но намерно, со 16 Октомври – Светскиот ден на храната.
„Денешното производство и консумација на храна е причина за дискусија за повеќе сериозни глобални прашања: уништување на биодиверзитетот и животната средина, здравствени проблеми на консументите, злоупотреба на животните и нерамноправен пристап на глобалниот пазар. Постојниот систем на храна има сериозно негативно влијание врз општеството и животната средина, како и на локалната гастрономска култура како заедничко наследство кое треба да се зачува. Секој од нас, секојдневно на трпезата има можност да избере со вилушката која храна ќе ја консумира, а со секој избор што го прави, што може да учествува во промените кои треба да ни се случат“, вели Костадиновски.
Според него, целта на ТФФ е едноставна: едукација на луѓето преку филмот – да почнат да размислуваат многу посуштински за храната и за изборот што секојдневно го прават, не само за себе, туку и за Планетата. Но, целта е и да се мотивираат, односно поттикнат продуцентите да ги документираат приказните на нашите локални производители кои и тоа како имаат што да кажат и да пренесат.
„Слоу Фуд верува дека изградбата на одржливиот систем на храна може да се постигне преку јакнење на свеста на секој од нас и на овој начин ќе може да се намалат сиромаштијата и гладот, да се подобри здравјето на популацијата и да се придонесе за почистата животна средина и повеќе вкусна храна. ТФФ го посветуваме на филмовите кои ја обработуваат темата храна, а ретко се презентирани“, додава Костадиновски.
Традицијата на буковската пипер доловена преку „На трпеза кај…Македонија“ од Mирјана Момировиќ,„Езеро од јаболка“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Приказната за Слоу Фуд“ на Стефано Сардо и „Момчињата од Бароло“ на Паоло Казалис и Тициано Гаја, се четирите долгометражни документарни филмови што ќе бидат прикажани на ТФФ. Пред секој од нив ќе биде пуштен по еден краток видео запис на ФАО.
„На трпеза кај…Македонија“ е серијал посветен на традицијата, културата и гастрономијата кој преку живописни кадри ги активира сетилата кај сите љубители на традиционална храна. Документарниот филм што се снимаше во септември 2016 година во Буково под покровителство на АРТЕ ТВ, го доловува животот на луѓето во селото, секојдневието и исхраната, традиционалните рецепти и здружувањето на производителите на буковска пипер во Президиумот на „Слоу фуд“.
„Езеро од јаболка“ е прекрасно, но тажно патување кое прикажува како полека, но сигурно човекот ја уништува природата. Снимен за една година, филмот ја следи промената на Преспанското Езеро, едно од најстарите слатководни езера на Земјата, кое претставува живеалиште на преку 2.000 видови растенија и животни од кои многу ендемски и единствени во овој еко-состав. Стариот рибар весла преку езерото секое утро за да ги провери мрежите и тоа му е секојдневна рутина. Но, исто останува само неговото патување, се друго е сменето – се намалува бројот на пеликаните и кормораните, а рибарските мрежи „ловат“ само алги.
„Слоу фуд стори“ раскажува за една револуција – културна, бавна како полжав. Оваа револуција трае повеќе од три децении, а нејзини иницијатор е Карло Петрини. Како од малото градче Бра, дом на околу 27.000 жители, Слоу Фуд движењето денес има корен во 160 држави. Забавен и весел филм, исполнет со прекрасни сцени на храна, пијалаци и песни, приказната за Слоу Фуд опширно докажува дека авантурата најдобро се сервира преку давање помош.
„Момчињата од Бароло“ е врвно остварување кое ги следи бунтовниците додека испишуваат историја. Прават вистински пресврт, огромна промена во еден регион на Италија, водени единствено од желбата да произведуваат врвно вино, најдобро во светот. Некои ги доживеале како „тренд што брзо ќе помине“, а за други биле вистински „бум“. „I ragazzi del barolo“ денес се синоним за нова филозофија, за поинаква боја и поинаков мирис, за сосема поразличен пристап. Филмот е добитник на многу награди и одлично ја прикажува кратката, но интензивна траекторија на оваа мала група производители кои направија трајни и неизбришливи промени во светот на виното.
„Во иднина фестивалот ќе воведува модерни теми од областа на гастрономијата, трендовите во исхраната, храната во најширокиот социо-економски контекст. ‘Тоа што е на екран е и на нашето непце’, би била можеби идејата за следното издание“, вели Костадиновски.
Ситуацијата со КОВИД го смени првичниот концепт на ТФФ. Се предвидуваше, покрај проекции, да има и дегустации на традиционални рецепти. Но, сега тоа отпаѓа, па присутните ќе можат да пробаат единствено крафт пива и по некое домашно вино.
„КОВИД кризата дополнително не натера да се потсетиме дека луѓето кои произведуваат, садат и жнеат се всушност вистинските херои. Да ги поддржиме. Време е да се делува подобро“, велат од ФАО по повод Светскиот ден на храната.
Годинава, мотото е „Да растеме, да се исхраниме, да се одржиме, заедно – Нашите дејства се нашата иднина“.
„Осигурување пристап до безбедна и хранлива храна е и ќе продолжи да биде суштински дел од одговорот на пандемијата КОВИД-19, особено за сиромашните и ранливи заедници, кои се најтешко погодени од пандемијата и економскиот шок. Во еден ваков момент, поважно е од кога и да е да се препознае потребата за поддршка на нашите херои во храната – земјоделците и работниците долж прехранбен систем – кои се грижат храната да се стигне од фарма до вилушка дури и во отежнати услови како корона панемијата“, потенцираат од ФАО.
Според ФАО, над две милијарди луѓе во светот немаат редовен пристап до доволно количество хранлива храна, а околу 135 милиони во 55 земји трпат акутен глад за што им е потребна итна помош околу храната, исхраната и егзистенцијата. КОВИД-19 само го отежна проблемот и се заканува да ги уназади важните придобивки постигнати во однос на осигурување на храната, исхраната и егзистенцијата.
Статистиките покажуваат и дека скоро 80 отсто од екстремно сиромашното население во светот живее во руралните средини и егзистенцијата на најголем дел од нив зависи директно од земјоделството, интензивното производство на храна во комбинација со климатските промени доведува до нагла загуба на биодиверзитетот и моментно само девет растителни видови учествуваат со 66 проценти во вкупното производство на култури наменети за човечка исхрана. Дополнително, лошата исхрана и седечкиот начин на живеење драстично ја зголемија стапката на дебелина, не само во развиените земји, туку и во земјите со ниски приходи.
Една од клучните лекции што ја научи ФАО во своите 75 години постоење е дека само да се произведува повеќе храна не е доволно. Мора да се осигураме прехранбените системи да станат одржливи и да може да доставуваат ценовно прифатлива, здрава храна за сите нас, вклучувајќи ги и најранливите меѓу нас. Иновативните технологии, науката, истражувањето и компаниите од приватниот сектор може да ни помогнат да ги трансформираме начините на кои ја произведуваме и трошиме храната – заради добросостојба на нашите заедници, економии и за нашата планета.
„Светското население се очекува да достигне речиси 10 милијарди до 2050 година со што значајно ќе се зголеми побарувачката за храна. Сега е времето да се разрешат долготрајните нееднаквости и неефикасности кои и понатаму ги обременуваат нашите прехранбени системи, економии и структурите за социјална заштита“, порачува Организацијата за за храна и земјоделство на Обединетите нации.
Текстот е преземен од МИА.