Како ви звучи ова – Слатко од дуњи со слаткарче!

Дуњите се ароматични сами по себе, но сепак, нашата читателка Зорица Блажевска си прави слатко од дуњи додавајќи неколку ливчиња итер (слаткарче) кои му даваат уште поубава арома и вкус

0
286

Слаткарче, Pelargonium odoratissimum, мискимбре, итер, барбароза, не знаеме како вие ја викате оваа украсна билка чии ливчиња обично се додаваат во мармалади и слатка, но слатко со рендани дуњи од кујната на госпоѓа Зорица Блажевска е посебно токму поради овој мал, ароматичен додаток.

Оваа билка, освен што е ароматична, е и многу полезна и лековита. Самото вдишување на нејзината арома му помага на вашиот имунитет.

Па старите велат, скинете едно ливче и протријте го низ раката за да се ослободи неговото етерично масло. Вдишувајте го овој мирис кога не се чувствувате добро и кога сте болни.

А еве го и рецептот за слаткото од рендани дуњи:

Ви требаат:

1 кг дуњи

500 г шеќер

2 чаши вода

сок од 1 лимон

2-3 ливчиња слаткарче

Приготвување:

Исчистените дуњи изрендајте ги на крупно ренде.

Сварете сируп од шеќерот и вода, додадете ги дуњите и варете додека не почнат да се згуснуваат. Додадете го и сокот од лимон и ливчињата слаткарче и топлото слатко префрлете го во загреани тегли и затворете ги.