Не е готвач, ниту угостител, но е незаменлив за сите нив…Кој е тој? 

Александар „Ѕиги“ Николовски е стар скопјанец, хедонист и Хорека експерт кој со својата платформа ГастроБар прави сѐ за да ја приближи гастро сцената во Македонија, до светската. Ако сѐ уште не знаете кој е, прашајте ги македонските шефови и угостители

0
2263

Александар „Ѕиги“ Николовски е стар скопјанец, хедонист и Хорека експерт. Како млад работел како келнер, бил менаџер на кафуле, а потоа од комерцијалист во трговска фирма стасал до менаџер, а најпосле и до сопствена фирма, поточно до најголемиот субјект за продажба на угостителска опрема „Хорека експерт“, а веќе две години работи и со платформата „ГастроБар“ чија цел е да помогне гастро сцената во Македонија да се приближи до светската гастро сцена.

Имено, идејата на оваа платформа е да понуди комплетно идејно решение за угостителските субјекти, од професионална опрема за кујни и барови, ситен инвентар, хигиенски средства, проекти, консалтинг, реконструкција на постоечките менија, комплетно нови менија, како за храна, така и за пијалок и кафе, обука на персонал, дегустациони менија, настани со интернационален карактер во соработка со најпознатите бармени, сомелиери, шефови и други угостителски работници, сѐ што ќе помогне угостителскиот работник да му се посвети на креативниот и професионалниот дел од работата.

„Освен желбата да им се олесни работата на угостителските работници, тука е и нашата желба да се доближат сите светски модни трендови во оваа област до Македонија. Функционираме како големопродажба, но и благодарение на акумулираното искуство од сите соработници (шефови, менаџери, сопственици)“, објаснува Александар.

Тој вели дека работите кај нас се менуваат полека, но се менуваат.

„Кога се отвара нов ресторан нештата полека се менуваат, бидејќи искуствата кажуваат дека најевтиното не е најисплатливо…сепак, сѐ уште сме пазар на кој цената е на прво место. Ние имаме доста креативен пристап кон работата и најчесто гледаме да ги сублимираме искуствата и мислењата на сите три страни – ние, инвеститорот и персоналот, за да добиеме врвен резултат.

Работиме со комплетна опрема која е потребна за еден угостителски објект и имаме најкомплетна барска понуда.

 

Меѓудругото, нашите чинии Bonna premium porcelain револуционерно се одомаќинија во многу ресторани низ цела Македонија и го покажаа ефектот од добра инвестиција. Ќе ги споменам и Global ножевите кои на барање на повеќето шефови се достапни во Македонија.

Комплетната професионална кујнска опрема за готвење, барската опрема, ситен инвентар, хемиски средства и многу содржини кои следат во престојниот период, најчесто се набавуваат од Европа“, објаснува нашиот соговорник.

За него, најтешко прашање е она, кој му е омилен ресторан или омилен готвач. И разбирливо, со оглед на тоа што во голем број од рестораните, тој  го ставил својот печат, а соработува и се дружи со многу од нашите готвачи.

Сепак, се обидува да одговори и поинаку па вели: „Има доста ресторани во Македонија кои често ги посетувам, зависно од пригодата и моменталното расположение, па така знам и да влезам во автомобил и специјално, за ручек да појдам надвор од Скопје.

Но, она што можам да го кажам е тоа кој е мојот прв Хорека ангажман (проект). Тоа е гостилница „Дукат“, во 2006.година (во тоа време Таверна Ели), место кое до ден денес е спремно за новитети и мое често свртувалиште.

Исто така, морам да кажам и дека Столе од „Воденица“ и Аце од „Маракана“ беа луѓето кои на некој начин ме внесоа на гастро сцената и максимално ме поддржаа во тоа што го почнав пред години.

Кога станува збор за омилен готвач пак, навистина не можам да издвојам еден, Дејан, Дени, Никола, Филип, Фичо, Игор, Боби, Зоран, Бастал, Мите-ФТ, Горан, Мики, Мајно, Марко, Марк и многу други на кои не можам да се сетам во моментов, се мои омилени и веќе блиски пријатели и соработници од кои годиниве, како добар трговец и менаџер научив многу за гастрономијата, а и ним им ја олеснив работата.

Нормално, тие се секогаш достапни и подготвени да ме научат на некоја нова готвачка финта, а во блиска иднина планирам теоретскиот дел да го потврдам и со практична работа во кујна кај сите горенаведени готвачи, нормално, волонтерски“, се смее Александар.

И нормално, и со него темата за короната е неизбежна.

„Короната најмногу го погоди угостителскиот сектор и сите соработници околу него, па и нашите проекции за оваа година.

Доста објекти се затворија, меѓутоа, и доста се отворија одново, се реновираа и мислам после сето ова доста работи ќе се променат. Ние не се откажуваме од нашите планови кои се во завршна фаза на подготовка и ќе бидете први информирани за истите бидејќи моменталната ситуација не дозволува сѐ да се одвива тековно“, искрен е Александар.