Како да исушите домати за зимоска?

Купете зрели домати, заштедете пари и бидете горди на вашиот нов домашен производ.

0
736

Ако и вие како нас, сте голем љубител на црвените летни убавици, веројатно уживате во нивната сезона. И за да можете да уживате во нив и во зима, обидете се сами да ги исушите. Ќе заштедите многу пари, а во зимските месеци ќе бидете среќни што сте го направиле ова.

Првата и основна состојка за овој деликатес се сончевите денови, три до четири по ред. Значи, проверете што вели временската прогноза и само тогаш започнете со овој потфат. Најдобри за сушење се месестите видови, но ако не можете да најдете баш такви, можете да го направите истото и со секоја друга сорта.

Отстранете ги стебленцата од доматите, измијте ги, избришете ги и исечете ги (ако се помали, доволно е да ги исечете на половини, а ако се поголеми, исечете ги на неколку парчиња). Наредете ги на некоја плитока тацна или тепсија, така за да не се допираат едни со други. Посолете ги и оставете ги на сончево место додека не се исушат целосно. Бројот на денови ќе зависи од количината и интензитетот на сонцето. (Ако немате можност за сушење на отворено, можете да ги исушите во рерната на 100° C за приближно 5,5 или 6 часа).

Откако ќе ги исушите, чувајте ги во стерилизирана тегла и прелијте ги со маслиново масло. Ако сакате, можете да додадете зачини како босилек, оригано, рузмарин или чили.

Фото: Pixabey