Бешамелот е еден од наједноставните сосови кои и одлично се согласуваат со голем број јадења.
Сепак, неговите главни состојки, брашното и путерот, не се некој здрав спој, па ви предлагаме рецепт за една поздрава алтернатива за која ќе ви требаат истите состојки, освен брашно и плус една главица карфиол.
Кога ќе се свари и ќе се спои со останатите намирници, карфиолот ќе даде прекрасни и нежни вкусови, а потоа веќе можете да го комбинирате во омилените јадења.
Овој сос можете да го користите наместо бешамел во лазањите, како и со тестенини.
Можете да го додадете и во рижото наместо путер, за да добие совршена кремозност или пак во спанаќ.
Состојки:
1 поголема главица карфиол
3 чешниња лук
2 лажици путер
5 шолји вода
Прстофат мајчина душица
Пола шолја млеко
Сол и црн пипер по вкус
Приготвување:
Исечкајте го лукот ситно, па ставете го во тава со растопен путер да омекне, но внимавајте да не загори.
Одвојте го карфиолот на цветчиња, ставете ги во вода и варете околу 10 минути.
Во блендер ставете го карфиолот, додадете шолја вода, лук, мајчина душица, сол, црн пипер и млеко.
Мешајте во блендерот додека не ја добиете саканата густина на сосот. Ако е потребно додадете уште млеко и зачини.
И ја имате вашата нова, поздрава верзија на бешамел сос.
Фото: Pixabey