Кога не ви се прави ама баш ништо, ниту пак имате апетит, а со оглед на високите температури, тоа е веројатно случај со повеќето луѓе, еве одлична идеја за поткаснување. Не треба да правите ништо освен што ќе ги прелиете доматчињата (ако немате шери домати, можете да си исечете и обичен голем домат) со масло од тиква, да додадете некој крекер, малку свеж босилек, малку ноктец или некој друг зачин по ваш вкус и да уживате во вкусот, но и да правите нешто добро за вашето здравје.
Имено, нерафинираното масло од тиква се користело како кралски лек во многу периоди во историјата на човештвото. Познато е како диуретик и како одлично средство за чистење на телото од цревни паразити. Денес современите медицински практики го препорачуваат ова масло како неопходно во исхраната.
Ладно цеденото масло од семки од тиква поради големиот процент на есенцијалните омега 3 масни киселини го штити организмот од инфекции, го зајакнува имунолошкиот систем, срцето и крвните садови. Дејствува стимулативно на целиот организам, а различни студии покажале дека ги подобрува симптомите на зголемена простата и е идеално за лекување на синдром на иритабилно дебело црево.
Исто така, делува превентивно против артериосклероза, инфаркт и мозочен удар, го ублажува ревматоидниот артритис, ја намалува количината на холестерол и триглицериди во крвта, помага во спречување на заболувања на бубрезите.
Се препорачува да се употребуваат 1-3 супени лажици од нерафинираното масло од тиква самостојно или да се користи за подготовка на салати, преливи, или како додаток во варива. Нерафинираното масло од тиква е хит во вегетаријанската и макробиотичката исхрана.