Лебот од спелтино брашно можете да го направите дури и ако сте апсолутни почетници во кујна.
Зошто?
Затоа што ниту треба да го месите, ниту да го чекате да стаса, се што треба е да ги помешате состојките и да почекате смесата да отстои барем пола час. Таман колку да се напиете кафе. И на крај да го испечете.
Еве што ви треба:
500 г спелтино брашно
500 мл млака вода
1 прашок за пециво
1 лажиче сол
1 лажиче мед
3 лажички маслиново масло
семки ставате по желба и кога станува збор за изборот на семките и кога станува збор за количината. Ние ставивме 2 лажички чиа семе, 2 лажички мелено ленено семе, 2 лажички семки од тиква, 2 лажички сончоглед, 2 лажички црно семе.
Ги мешате сите состојки со лажица и ја оставате смесата покриена со крпа да постои барем половина час (колку подолго стои, толку подобро, па ние ја оставивме, поточно, ја заборавивме дури час и половина).
Ја префрлате смесата во подмачкан сад за печење и печете на 200 степени, околу 50-60 минути, во зависност од рерната.
После половина час, кога ќе проверувате до каде со печењето, премачкајте го со маслиново масло, а кога ќе биде готов и ќе го извадите, покријте го убаво со крпа и оставете да се олади. Ако не ви се чека, не го оставајте да се олади, јадете си го топло.