Како да направите Баба гануш?

Модриот патлиџан е задолжителна летна храна, и одлична замена за месо во вегетаријанската кујна. Го нарекуваат тофу во светот на зеленчуците

0
887

Иако многумина не сакаат да го јадат, корисно е да имате модар патлиџан во кујната, бидејќи од него може да се подготват многу нешта.

Овој вкусен зеленчук се прослави со една од главните улоги во познатиот француски рататуј, специјалитет од зеленчук базиран на пиперки, тиквички и модар патлиџан со додаток на кромид, лук, маслиново масло и зачински билки.

Покрај тоа, модриот патлиџан е омилен и во полнета форма печен во рерна или како состојка во сос за ориз или тестенини. Медитеранските земји го држат приматот во подготовката на јадења со модар патлиџан.

Дали може да се јаде сиров?

Модрите патлиџани се цврсти, но малку сунѓерасти. Кога се јадат сами и сирови, не можат да се пофалат со некој полн вкус, затоа е подобро да се зготват или да се испечат. Може да ги сметате за тофу во светот на зеленчуците. Одлично оди во многу комбинации, а после обработката, неговиот вкус е многу подобар, текстурата е свиленкаста и се топи во устата.

Дали има рецепт што секој треба да го проба?
Секако, првиот рецепт што може да го пробате е Баба Гануш.

Состојки:

1 голем модар патлиџан
Маслиново масло
Сол
2 чешниња лук, сечкани
3 лажици сок од лимон
60 мл таан
Свежо мелен црн пипер

Кумин

Приготвување:

Загрејте ја рерната на 200 степени Целзиусови и исечете го патлиџанот на половина, по должина, додајте сол, премачкајте го со масло и печете додека не омекне.
Извадете го месото, а кората тргнете ја. Ставете го во блендер, додадете црн пипер,  кумин, лимон, таан и измешајте.
Оладете го добро пред да го послужите со препечено лепче, брускети или сечкан зеленчук.

Фото: Pixabey