Дали кога ќе се спомне анасон помислувате само на мастика и на узо?

Ако е така, имајте предвид дека освен како состојка во овие и во други алкохолни пијалоци, анасонот има и антибактериски, антиинфламаторни и антиоксидантни својства и може да се консумира и како чај, но и како додаток во готвењето

0
522

Ако кога ќе слушнете анасон, веднаш помислувате на мастика или на узо, тогаш уште не знаете ништо за оваа лековита, ароматична, зачинска и медоносна билка со пријатен мирис што особено се чувствува ако се протрие помеѓу прстите.

Анасонот е многу лековито растение и превкусна  билка за готвење. Специфичниот доминантен благ вкус на анасонот го даваат есенцијалните масла  кои ги содржат во себе. Се смета дека семето од анасон има антибактериски, антиинфламаторни и антиоксидантни својства.

Употребата на плодот од сладок анасон е честа и разновидна. Може да се употребува самостојно како чај или во комбинација со други лековити билки со слично делување, пред сè за подобрување на здравјето на дишните органи и на оние од системот за варење на храната.

Речиси сите билни мешавини кои се употребуваат против подуеност и слични тегоби настанати од насобраните гасови во органите за варење, содржат анасон како главна и незаменлива состојка.

Плодот од анасон е главна состојка и во мешавините кои помагаат за подобрување на столицата. Билките од овие мешавини придонесуваат за подобро варење на храната, забрзување на перисталтиката на цревата, обезбедување на редовно празнење на цревата, како и зголемена елиминација на вишокот на течности. Поради присуството на сладок анасон, овие чајни мешавини не создаваат грчеви и се препорачуваат за подобрување на состојби на хронична опстипација.

Исто така, чајните мешавини кои го олеснуваат искашлувањето на густиот секрет и се препорачуваат на пациенти со хронични заболувања на респираторните патишта, секогаш содржат плод од анасон.

Активното дејство на анасонот се должи на присуството на скапоценото етерично масло во неговиот состав. Носител на пријатниот својствен мирис, слаткиот вкус и значителната антисептична моќ на етерното масло е анетолот.

Плодот од сладок анасон влегува и во состав на билни мешавини кои се препорачуваат за намалување на телесната тежина, поради благопријатното делување на процесот на варење на храната и отстранување на тегобите кои настануваат како резултат на тешко и бавно варење.

Семето од анасон е преполно со хранливи материи, а малку калории.

Тоа е добар извор на витамин Ц и влијае позитивно врз имунитетот, но и како моќен антиоксиданс, заштитувајќи не од оштетување на клетките предизвикано од слободните радикали. Содржи манган, а тоа е важно за активирање на ензимите, подобрување на метаболизмот, заштита на клетките, на коските, влијае на регулирање на шеќерот во крвта и го забрзува заздравувањето на раните. Постоењето на калиум, магнезиум и калциум во семето на анасонот се од витално значење за здравјето на коските.

Органските соединенија содржани во семето даваат широк спектар на лековити ефекти поради антиканцерогените, антимикробните, антивирусните и антиинфламаторните својства. Сите делови на растението од анасон се богати со моќни антиоксиданти како хлорогена киселина, лимонен и кверцетин – сето тоа може да биде од корист за здравјето.

Антолот, главна компонента на есенцијалното масло на анасонот го потиснува и намалува апетитот и влијае врз функцијата на органите за варење на храна. Ајурведата сугерира да се пие чаша чај пред оброк. Резултатите ќе бидат видни за кратко време.

Семето од анасон е преполно со растителни влакна со кои се намалуваат факторите на ризик од срцеви заболувања и високиот притисок и холестерол.