Неколку совети за совршена паеља

За да се направи паеља, поважeн од состојките кои можат да бидат навистина најразлични, е начинот на подготовка.

0
242

Ова традиционално шпанско јадење кое потекнува од регионот на Валенсија, настанало слично како италијанската пица – со цел да се искористат остатоците од храната. Сиот преостанат зеленчук и месо завршувале во една тава.

Иако по правило содржи десет состојки: Пилешко место, зајачко месо, боранија, домати, маслиново масло, вода, шафран, сол и ориз, можат да се користат следниве состојки: Полжави, свинско месо, колбаси коризо, артичоки, лук, кромид, грашок, пиперки, риба и морски плодови, како шкампи, школки или јастог. Последниве состојки се користат за морска паеља.

Токму како оваа која пред неколку месеци, за време на престоjот во Шпанија, ја испробале нашите читатели Стефани и Горазд Христов кои и досега веќе ни испратија неколку оригинални шпански рецепти.

Она што тие го научиле таму за паељата е дека за да се направи паеља, поважeн од состојките кои можат да бидат навистина најразлични, е начинот на подготовка.

Тие запомниле неколку совети за добра традиционална паеља во која ќе можете да ги почувствувате вкусот и мирисот на Шпанија.

Избор на соодветна тава. Најдобро е кога би имале специјална тава, наречена паељера, со две дршки и закосени страници, која е обично со поголем пречник и исто така е тркалезна и со рамно дно. Потребно е тавата да биде доволно висока за да ги собере сите состојки.
Користете го вистинскиот вид ориз

За паеља најдобро одговара ситнозрнест, naместо долгнавест ориз. По традиција се користи сортата Бомба којашто потекнува од регионот на Валенсија. Не користете процесиран ориз (Parboiled Rice) бидејќи тој не впива течност, ниту ароми, како што е пожелно за оризот за паеља. Не го мијте оризот. Скробот треба да остане на него. Исто така не го варете оризот претходно. Тој се пропржува кусо со останатите состојки, пред да се додаде течноста.

Маслиново масло и добар бујон. По пропржувањето на состојките во маслиново масло, вмешајте ја сета течност. По вкус, користете рибен бујон, бело вино, домашно сварена супа од зеленчук, пилешка супа или мешавина. Не претерувајте со течноста. На една чаша ориз следуваат две чаши течност.

Задолжителна состојка на паељата е Сокарат. Со вистинската тава и вистинскиот ориз може да ви успее и совршен Сокарат (soccarat). Тоа е вкусната кора што се создава на дното меѓу тавата и оризот. Taa го дава вкусот на паељата. За таа да се создаде, мешајте ја паељата само во почетокот. Надгледувајте и кога ќе испари сета течност и повеќе не излегуваат меури, оризот е готов. Тогаш зголемете ја температурата. Кога ќе почне да шушти и оризот не се двои од страниците на тавата, сокаратот е готов.

Покријте ја паељата со алуминиумска фолија во последните 5 до 10 минути. Така паељата може да се свари целосно на најтивок оган.