Пластиката е насекаде – сега и во овошјето и зеленчукот

Новите истражувања покажале дека микропластиката може да навлезе во корените на посевите, патувајќи низ растението до деловите што ги јадеме. Истражувањата покажале дека во морковите имало најмногу микропластика од сите растенија што биле анализирани. Но, генерално, имало повеќе микропластика во овошјето отколку во зеленчукот.

0
451

Микропластика – мали парчиња пластика со должина помала од 5 милиметри – сега може да се најде во океаните и низ сите заштитени национални паркови. Пронајдени се во морски плодови, сол, па дури и во пиво. Сега, новите истражувања покажаа дека микропластиката може да навлезе во корените на посевите, патувајќи низ растението до деловите што ги јадеме.

Две истражувања објавени деновиве покажуваат присуство на микропластика во храната што ја јадеме. Едното истражување било спроведено на Универзитетот во Катанија, Италија и во него биле откриени мали пластични делови во храната која се продава во супермаркетите и на локалните пазари во Катанија. Истражувачите работеле со примероци од моркови, зелена салата, брокули, компири, јаболка и круши.
Другото истражување спроведено од Институтот за истражување на крајбрежни региони во Јантаи, Кина, и од Универзитетот во Лејден, Холандија, открива дека може да има микропластика во коренот на зелената салата и житарките. Оваа микропластика потоа може да се пренесе од коренот до делот на растението што се јаде.

Порано истражувачите знаеле дека мали честички со големина од околу 50 нанометри може да влезат во коренот на растението, но новото истражување открило дека во растението може да влезат и честички 40 пати поголеми од претходната претпоставка.

Ова истражување анализирало два различни начини на одгледување растенија. Според резултатите, во малите отворени делови од коренот на растенијата може да влезат кружни честички со големина до 2 микрометри.

Во италијанското истражување било откриено дека храната од локалните продавачи имала повисоко ниво на микропластика отколку онаа купена во супермаркет. Најмалите делови микропластика биле откриени во морковите, од околу 1,5 микрометар, а најголемите во зелената салата, од околу 2,5 микрометри.

Меѓутоа, во морковите имало најмногу микропластика од сите растенија што биле анализирани. Кај овошјето, повеќе микропластика имало во јаболката отколку во крушите. Генерално, имало повеќе микропластика во овошјето отколку во зеленчукот, а тоа се должи на поголемите корени на овошјето.

Не се знае како микропластиката во храната може да влијае врз човековото здравје, но овие истражувања секако загрижуваат, велат истражувачите.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Pexels