Сладолед од вино и адитив од комиње, иновативни идеи на младата претприемничка Софија Дацева

Македонката Софија Дацева на 25 години има две компании и многу иновативни идеи. Таа, со својата компанија Вајс груп е една од трите победници на натпреварот за „Зелени идеи“ на АРНО, со својата идеја за преработка на комињето во мултифункционален адитив за производи од прехрамбената индустрија. До оваа идеја дошла додека работела на својот прв иновативен производ – сладолед од вино, кој во моментот е во фаза на комерцијализација и истиот ќе биде пласиран на европскиот пазар

0
900

Прво си помисливме дека е само младолика, но потоа сфативме дека изгледа толку младо затоа што е навистина млада – има само 25 години. И тука не би имало ништо чудно, ако оваа дваесетипетгодишна девојка нема веќе две компании кои работат на иновативни и свежи идеи и производи, едната тука, во Македонија, а другата во Обединетото Кралство.

За Софија Дацева слушнавме откако победи на натпреварот за „Зелени идеи”, на здружението за социјални иновации „АРНО“, наменет за сите граѓаните кои имаат идеја за зелен, одржлив бизнис.

Зелената идеја на Софија се состои од преработка на комињето кое е нус-производ при процесот на производство на вино, во мултифункционален адитив од комиње.

Софија ја формирала својата стар-ап компанија во почетокот на 2020 година, со помош на добиената награда за најдобар бизнис план од Агенцијата за Млади и Спорт.

„Вајс Груп беше официјално регистрирана во 2020 година, но технолошкиот процес за преработка на комиње во адитив започна да се развива уште кон крајот на 2018 година, додека во 2019 веќе имавме развиено прв прототип. Во моментов нашиот тим е во фаза на оптимизација на прототип, после што би следела и комерцијализација, а неодамна добивме и грант од страна на Фондот за Иновации и Технолошки Развој кој ќе ни помогне да ги оствариме овие цели.

Конкретно, мојата зелена идеја се состои во преработка на комињето кое е нус-производ при процесот на производство на вино и развој на мултифункционален адитив од комиње. ВАЈС адитивот ќе има улога на антиоксидант, природен обојувач и извор на растителни диетални влакна и ќе претставува економски исплатливо решение за произведувачите во прехранбената индустрија. Иако адитивот може да се применува во широка палета на производи, со цел да развиеме успешна стратегија за влез на пазарот, за почеток, ќе се продава на произведувачи на храна од мелничко-пекарската, млечната и кондиторската индустрија“, објаснува Софија.

До оваа идеја за преработка на комиње Софија дошла работејќи на еден друг, не помалку интересен проект – производство на сладолед од вино. За ова Софија е поддржана од британската Влада и Универзитетот Варвик кадешто ги завршила постдипломските студии по иновации и претприемништво.

„Сладоледот од вино е мојот прв иновативен производ, кој во моментот е во фаза на комерцијализација и истиот ќе биде пласиран на европскиот пазар. После повеќе од две години активности за иновации и развој и поддршка од повеќе институции од Обединетото Кралство, успеав да развијам технолошки процес на покачување на точката на мрзнење на виното на 0℃, на начин на кој истиот ќе биде задржан во основната смеса на сладолед, односно, крајниот резултат од овој проект претставува канче сладолед од 150 мл. кој ќе има еквивалентен ефект како да се конзумира една чаша вино. Иако идејата за комбинирање на сладолед и вино звучи атрактивно, процесот е многу комплексен. Главната причина за ова е токму точката на мрзнење на виното која варира од -13℃ до -18℃, додека точката на замрзнување на сладоледот е 0℃.

Преку усовршување на винскиот сладолед имав можност да посетам неколку винарии и така првпат се соочив со проблемот кои винариите го имаат со комињето. Забележав дека иако истото е многу корисно за човековото здравје останува неискористено и фрлено. Дополнително, кога продолжив да истражувам открив и дека комињето завршува отстрането и на прописен и на непрописен начин. На почетокот земав примероци и ги анализирав, а првичната крајна цел ми беше да го ставам како дел од винскиот сладолед со надеж дека ќе има улога во промена на неговата боја и вкус. Сепак, откако ги направив анализите открив дека комињето нуди многу повеќе можности, односно истото содржи во себе и антиоксиданси, витамини, растителни влакна. Така започна и развојот на технолошкиот процес, односно почнав да барам начини како можам да направам истовремена екстракција на повеќе здрави карактеристики за на крајот после година ипол истражување да излезе и првиот прототип, односно мултифункционален адитив од комиње“, објаснува Софија.

Прототип на адитивот од комиње

Нејзината идеја да го собираат отпадот од винариите, а потоа да го преработуваат, потсетува малку на сличниот принцип со прибирање на отпадното масло од домаќинствата и неговата преработка во гориво на компанијата „Суниленс“.

„Сметам дека посебно во последните години светот се повеќе става акцент на зголемување на еколошката свест, главно и поради последиците кои сѐ повеќе директно ги чувствуваме од загадувањето и загрозувањето на животната средина. Конкретно, за винариите, тие најчесто после производството на вино или ракија комињето го отстрануваат прописно на начин што истото завршува фрлено во депониите, каде честопати потоа се пали. Ова има негативно влијание на почвата и животната средина. Дополнително, некои градови во државата, а и на Балканот се соочуваат и со непрописно отстранување на комиње и истото завршува во реките и во канализациите. Вајс Груп го увиде овој проблем и за таа цел разви модел на циркуларна економија преку кој конвенционалниот синџир на снабдување на винариите ќе го промени во циркуларен, односно комињето ќе биде откупувано од винариите и истото ќе биде преработувано во производ корисен за човекот. Во моментот компанијата разговараше со неколку мали винарии кои беа среќни поради оваа идеја, бидејки истата претставува идеално решение за овој проблем кој ќе има позитивен резултат и за двете страни“, вели нашата соговорничка.

Што се однесува до идејата за преработка на комиње и негово користење во прехранбената индустрија, таа се појавила уште во 90-тите години од минатиот век, но истата останала недоволно истражена.

„Досега, најпознати производи кои се имаат појавено се масло и чај од комиње. Во изминатите години во светот како резултат на промена на побарувачката од страна на крајните потрошувачи за конзумирање на производи со природни наместо вештачки адитиви, неколку компании развија и адитив од комиње. Разликата во нивниот адитив во споредба со ВАЈС адитивот е што нивниот има само една карактеристика, главно улога на обојувач, додека нашиот има три карактеристики (растителни влакна, антиоксиданси и обојувач) кои се добиваат низ еден технолошки процес и резултираат во единствен производ. Идејата е во технолошкиот процес, односно екстракција на антиоксиданси, обојувачи и растителни влакна во исто време, низ единствен процес, додека паралелно се отстрануваат и пестицидите. Крајниот производ ќе претставува еден адитив кој ќе има улога на антиоксиданси, растителни влакна и обојувач на храна, додека во моментот произведувачите од прехранбената индустрија користат три различни адитиви за да ги добијат овие својства. Дополнително, Вајс адитивот ќе биде природен и ќе претставува одлична замена за вештачките адитиви. Всушност, другото позитивно потенцијално влијание на Вајс адитивот е подигање на свеста кај конзумирачите за користење на природни наспроти вештачки адитиви, како и овозможување на компаниите од прехранбената индустрија за развој на поздрави производи“, вели Софија.

Таа се радува на можноста на претстојниот регионален натпревар на Зелени идеи да ги запознае другите учесници, да се претстави во најдобро светло и да успее да добие што е можно повеќе од самиот натпревар, евентуално, и некоја од наградите. Имено, четворица претставници кои ќе победат на овој регионален натпревар, добиваат по 10,000 или 5,000 долари за реализација на идејата во својата земја.

„Победата е добредојдена, но сметам дека не е најважна. Ваквите натпревари се одлично место за споделување на идеите, разменување критики со цел подобрување на истите, како и создавање на контакти со луѓе кои имаат слични размислувања и работеле на истиот концепт, во овој случај развој на бизнис кој ќе биде поразличен и ќе има и еколошка компонента во него.

Средствата кои ги добив како победник на националниот натпревар секако ќе бидат употребени за реализација на идејата. Се разбира, доколку се добијат средствата и од регионалниот натпревар тогаш компанијата ќе има можност за комерцијализација на производот. Во спротивно, дури и да не победам на регионалниот натпревар сепак ќе барам начини да ја развијам оваа идеја бидејки силно верувам во неа и веќе неколку години со тимот активно работиме на нејзино остварување. Тимот е составен од четири членови кои вклучуваат прехранбен технолог, оперативен менаџер кој во моментот се сертифицира и за управител со отпад, надворешен партнер од Обединетото Кралство и јас како основач на компанијата. Дополнително, нашата идеја е поддржана и од страна на Англија и Варвик Универзитетот кои ми имаат доделено старт-ап виза и нудат широка поддршка на секаков вид експертиза, со цел успешно да се комерцијализира иновацијата, вели Софија.

Нејзините долгорочни планови се Вајс Груп да стане интернационална компанија која ќе има иновативни производи во прехранбената индустрија развиени преку иновативни технолошки процеси кои ќе имаат додадена вредност за таргет клиентите и позитивно влијание врз животната средина.