Џорџ, или како што го викаат неговите Македонци, Гоце Геoргиевски, е роден во Австралија, кадешто неговите родители дошле во далечната 1968.година. За него, како впрочем и целиот свет, дознавме преку неговиот блог Schoollunch box, како и преку неговите профили на Инстаграм и Фејсбук кадешто сега има стотици илјади следбеници од целиот свет.
Тој стекна светска слава со својот бренд Schoollunch box, правејќи школски оброци за своите две ќерки Кики и Анела, притоа, не пропуштајќи ја можноста да ја промовира и Македонија и македонската кујна на сите континенти.
Имено, од обичен татко кој подготвува здрави и интересни оброци со многу љубов за своите ќеркички, спонтано и непланирано тој и неговиот блог стануваат популарни ширум Австралија, Нов Зеланд, а потоа и во Европа, а Џорџ почнуваат да го викаат ширум светот за да прави презентации и да ги обучува родителите како да им подготвуваат здрави оброци на своите деца. И, како на филм, тој станува светски познат, а неговиот распоред толку пренатрупан што мора да го затвори својот бизнис и да се посвети на готвењето и на неговата мисија – сите деца ширум светот да добијат поздрави, похранливи и поубави оброци. Токму ова и неговото настојување да се сменат оброците за децата во австралиските училишта, го свртеле кон него вниманието на Џејми Оливер па Џорџ станал и негов претставник-амбасадор за Австралија.
Пред една година излезе од печат и неговата книга со рецепти – Lunchbox Express која сега се најде на врвот од листата на најпродавани книги на Амазон.
„Амазон штотуку ја објави листата на бестселери за продажба на книги. Нашата мала книга Lunchbox Express е број 1, најпродавана книга во категоријата Готвење со деца и број 4 во категоријата за буџетско готвење, зад една двојка готвачи кои се викаат Џејми Оливер и Дона Хеј.
Морам да станам и да правам ручек сега, имајте убав ден“, пишува на својот Фејсбук профил нашиот Гоце.
Сега ја подготвува и втората книга со рецепти, а ние му посакуваме и таа да го доживее успехот на првата.
Фото: Фејсбук