Секаде околу нас, се разбира, ако се најдеме некаде во природа, а не на градскиот асфалт, има по нешто што можеме да го искористиме како храна. Авокадо и манго нема, барем не кај нас, ама затоа имаме див лук и бозел.
Дивиот лук (сремуш, мечкин лук, allium ursinum) е самоникната јадлива билка со исклучителна лековитост и широк спектар на делување. Спаѓа во 4 планетарни билки, а во 1992 година е прогласена за медицинска билка…
Бидејќи сега е сезона на дивиот лук, а шеф Маре Јаневска, секогаш знае како да го искористи најдоброто од природата, наголемо го применува како дел од своите рецепти. Исто така, сега е време и за бозел. Што се однесува до него, иако наместо како во минатото, кога самите си беревме бозел во природа, периодов шеф Маре, признава, си го нарачала онлајн, па во нејзината кујна денеска се ‘крчка’ сокот од бозел.
За оние кои не знаат, младите лисја на бозелот, цветовите и сокот од неговите плодови се богат извор на витамини, пред сѐ, на витамин Ц и каротин.
Бозелот помага и при неуралгии, ишијас и болки во крстот (лумбаго). Како природен лек против овие болести се користи сокот од бозел, кој може да се пие ладен или топол. Велат, пиењето сок од бозел, два пати дневно доведува до брзо оздравување од овие болести. И замислете каква случајност, шеф Маре деновиве страда токму од такви болки. Дали тие биле повод или последица од правењето сок, не знаеме, ама кај да е, лекот ќе биде готов.
Токму овие две состојки, дивиот лук и бозелот се дел од овие два рецепти кои шеф Маре Јаневска ги сподели со нас и со нашите читатели.
Равиоли со пилешко, див лук и бозел
Состојки:
За тестото:
2 јајца
50 мл млеко
50 г интегрално брашно
1 лажица екстракт од див лук (дивиот лук се блендира со 1 лажица малку маслиново масло)
малку сол
остро бело брашно (ставате постепено, доволно за да се замеси тврдо тесто).
Приготвување на тестото:
Сѐ заедно се замесува, се добива мазно цврсто тесто, кое се дели на 2-3 еднакви парчиња, се набрашнува, се покрива со проѕирна фолија и се става во фрижидер на 30 минути.
За тоа време се подготвува филот:
200 г пилешко месо
1 кромид
1 младо кромитче
1 морков
2 листа див лук
2 лажици павлака
Сол, црн пипер
Пармезан
1 белка од јајце
За преливот:
1 лажица путер
2 листа див лук
Неколку ливчиња босилек (2-3)
Малку рендана кора од лимон
25 мл бело вино
2 лажици екстракт од бозел (бозелот се попарува со врела вода, се процедува и се додава малку сок од лимон, по вкус)
1 жолчка
Зачувајте малку од водата во која се вареа равиолите за овој прелив
Приготвување на филот:
Месото се пржи на малку загреано масло. Кога е пржено, се вади од тавата и се остава на страна. Во истата маснотија се става 1 главица ситно сечкан кромид и 1 рендан морков и кратко се пропржуваат. Потоа се додаваат 2 листа сечкан див лук и 1 младо кромидче. Сѐ заедно се пропржува и на крај се додаваат 2 лажици павлака, сол, црн пипер, малку рендан пармезан и една белка.
Пилешкото се сечка многу ситно и се додава во филот. Тестото се вади од ладилник и се развлекуваат тенки кори, добро набрашнети. Се сечат коцки, на секоја во средина се става малку од филот, се преклопува и страните се притискаат и добро се затвораат. Се редат на набрашнета површина. Во длабок сад за варење се става да зоврие вода со малку сол. Кога ќе почне да врие се додаваат равиолите. Се варат околу 5 минути, па се вадат во сад со маслиново масло.
Во посебен сад на малку путер се додаваат 2 сечкани листа див лук, босилек и малку рендана кора од лимон. Се пропржува кратко, потоа се додава малку бело вино, 2 лажици екстракт од бозел, и малку од водата во која се вареа равиолите. Откако кратко ќе проврие, се трга од оган и се додава рендан пармезан и една жолчка. Се меша убаво и се прелива врз равиолите. По желба се додава сол и мелен црн пипер.
Се сервираат топли со додавање на рендан пармезан.
Освежителен коктел од бозел:
Состојки:
30 мл сируп од бозел
30 мл вино темјаника
20 мл кисела вода
1 мала лажица кафеав шеќер
1 лажица сок од лимон
Јагоди и лимон за украсување
Гранче бозел
2-3 коцки мраз
Приготвување:
Се меша сѐ заедно. Во чашата се става едно гранче бозел, парче лимон и парчиња јагода.
Се додаваат 2-3 коцки мраз и мешаната течност. Чашата се украсува со лимон и јагода.