Состојки:
500 г брашно (е овојпат лебот го направивме со најобично бело брашно)
околу 300 мл млака вода
пола коцка свеж квасец
1 лажичка сол
1 лажичка шеќер
3 лажици стопен путер + уште малку за премачкување
сусам за поросување
Приготвување:
Најубаво е да го ставите квасецот да стасува, па да си го направите кафето.
Замесете тесто од брашното, надојдениот квасец во кој се става лажичка шеќер, солта и 3 лажици стопен путер. Додавајте вода по потреба, а доколку тестото ви лепи, додадете и брашно. Треба да добиете мазно тесто што ќе можете да го обликувате како топка. Покријте го со крпа и ставете го да стасува околу 1 час, а вие пијте кафе, работете, појадувајте или што веќе треба да правите.
Кога тестото ќе нарасне, премесете го и обликувајте го, засечете го во облик на крст и оставете го да нарасне уште некое време, премачкајте го со путерот, поросете го со сусам и ставете го да се пече во загреана рерна на 200 степени.
Обично е готов за 30 минути, но зависи од јачината на рерната, па добро е да го проверите после 20-25 минути.