Карантинот не важи за пчелите и пчеларите

„Сега е време за првиот пролетен преглед и главната паша на пчелите, такашто ние пчеларите и пчелите, имаме полни раце работа. Зголемена е и побарувачката за мед и прополис“, вели младиот пчелар Нацо Јовчевски од битолското село Дихово, кому секој ден му почнува со лажица мед,, полен, млеч и прополис, а подоцна следува и една чашка прополка

0
1219

Нацо Јовчевски, пчелар од битолското село Дихово и член на здружението „Македонска пчела“ („MacBee“) вели дека и во овој период на пандемија неговиот пчеларник „БН“ во битолското село Дихово, работи со полна пареа бидејќи токму сега е време за првиот пролетен преглед и главната паша.

„Иако владее пандмеија со коронавирусот, јас сум во пчеларникот од 7 наутро до 7 вечер бидејќи е сега време за првиот пролетен преглед, ги отварам сандаците за да видам во каква здравствена состојба се семејствата пчели, количината на храна и леглата, и можам да кажам дека нормалните зимски загуби се ептен минимални, речиси никакви. Задоволен сум што зимата ја поминавме супер и сега ставам нови рамки за пчелите да изградат ново саќе. Инаку, јас поради работата имам дозвола за движење и за време на полицискиот час, но ја користам за одење во Битола само кога е неопходно, а и тогаш сум одлично заштитен затоа што сум секако навикнат на носење заштитна облека во пчеларникот, па носењето маска ми е природна состојба“, вели нашиот соговорник.

Тој вели дека во нивното село Дихово нема заболени од коронавирус, а и в градот има многу малку. Сепак, внимателни се и ги почитуваат препораките, но работата си тече нормално, па дури и повеќе од тоа. Имено, веројатно луѓето во овој период на пандемија станале уште позагрижени за своето здравје, па и нарачките на мед и прополис од пчеларникот на Нацо се многу побројни од претходно.

„Единственото нешто што се разликува од претходно“, вели Нацо, „е тоа што годинава во овој период, поради коронавирусот, немаме туристи, но се надевам дека и оваа ситуација брзо ќе помине, а за тоа е потребна колективна имунизација“.

За својот имунитет тој се грижи исто како и претходно и секој ден го почнува со лажица мед, мле, полен и прополис, а подоцна во текот на денот пие по една чашка ракија со мед и со прополис.

Инаку, Нацо и неговата сопруга Елена се и родители на двегодишниот Матеј кој уште од деветмесечна возраст си ја зема својата дневна доза здравје во форма на мед и млеч и досега не покажал алергиска реакција.

„На Матеј му даваме мед и млеч уште од девет месеци и досега немал никаква алергична реакција иако еднаш го касна и пчела која тој ја зема во рака за да ѝ ја покаже на мајка му“, се смее Нацо.

Тој вели дека иако повеќето пчелари произведуваат само мед, тој како професионален пчелар става акцент на повеќе производи, како смеса од мед, млеч, полен и прополис, мед со таан, мед со афионово семе, ракија со мед и прополис. Сите овие производи се бараат и се продаваат.

Тој вели дека има повеќе постојани купувачи кои кога ќе стекнат доверба, обично продолжуваат да купуваат мед од него.

Впрочем, состојбата е слична како и со изборот на матичен лекар па како што велат и самите пчелари, како што секој има матичен лекар, треба да има и свој пчелар.