Продолжуваме со серијата „Дали нашите најпознати шефови готват во самоизолација“, а на ред е шеф Зоран Мајновски, познат како сопственик на ресторанот „Естел“ во скопско Дебар Маало. Се разбира, како и сите други и „Естел“ е под катанец, а шеф Зоки не мирува ни дома.
„Поради препораката на Владата најпрвин свикав состанок во мојот ресторан („Естел“), ја објаснив ситуацијата, се поделивме во тимови и почнавме генерално чистење на ресторанот и на кујната. Ја дезинфицирав свежата храна што ми остана, од типот на месо, риба, зеленчук, ја вакумирав, ја обележав со датум и ја замрзнав. Бидејќи имам навика и пракса да купувам тазе и свежо, немавме многу вакви резерви и не беше проблем да се среди. Тоа пак што беше зготвено го поделив на персоналот. Сега веќе неколку дена сме во карантин, гледаме да не излегуваме, а ако мора да отидеме некаде надвор, јас или моите деца Марко и Мартин, сопругата не чека со Дезинтал пред врата, па право во тоалет – топла вода и медицински сапун, па дури после дома.
Што се однесува до храната, дома немаме многу залихи, туку само неопходните работи за хигиена и повеќе овошје и зеленчук. Иако постиме за Велигден, денот ми почнува со салеп кој е многу добар за дишните патишта и помага за кашлица. Или пак со смути од цвекло, морков, портокал, лимон и ѓумбир кој претходно ми се отстоени во лимон и алкохолен оцет и убаво измиени, па се вистинска бомба кога станува збор за подобрување на имунитетот. Секако, ова им го правам и на сопругата и на децата.
Иако на почеток мислев дека ќе одмарам, јас пак се плеткам во кујна. На пример, вчера направив крцкав зеленчук пропржен со соја сос, ѓумбир, варен ориз и салата од марула, ротквица и трупка, се разбира, претходно добро измиени и отстоени во лимон и оцет.
Сепак, она што најмногу сакам да го јадам во овие денови е супата на мојата сопруга Габи. Таа ја прави извонредно, со многу зеленчук (кромид, зелка, лук, морков, печурка, тиквица, целер и пашканат, боранија, грашак), зачинета со сол, црн пипер и ким и со малку тарана“, вели шеф Зоки и порачува:
„Седете дома, а јас ви стојам на располагање за каков било совет или препорака во врска со вашето мени“.