Кога ќе ги чистите садовите и чиниите од храната која ви останала од празниците, сетете се и на тоа дека според податоците на Организацијата за храна на Обединетите Нации (FAO), на секои 10 секунди умира од глад по еден човек во светот, сетете се дека не само за празничната, туку многу луѓе немаат средства ниту за најскромната секојдневна трпеза.
Но, токму како што многу луѓе се смрзнуваат во своите домови, додека други безмислосно горат со кубици дрвја за т.н.Бадникарски оган, така и додека многу луѓе гладуваат, други упорно купуваат премногу храна која на крајот завршува во контејнер.
‘Купи, нека има’, е вообичаената реченица која ја слушаме ако се помешаме помеѓу купувачите кои секојдневно, но особено за празници, ги полнат торбите како да е крај на светот. Или, како да се дели храна без пари. Токму затоа додека сѐ уште ги чувствуваме последиците од празничното прејадување, се прашав што прават сите тие луѓе кои овие празници повторно, или можеби и за првпат, вторпат, третпат, неважно кој пат, немаат што да јадат.
Решив да ја посетам, од пред неколку години единствената црковна народна кујна во Скопје, онаа која се наоѓа во рамките на црквата посветена на светите апостоли Петар и Павле во населбата Ѓорче Петров. Претходно ваква кујна имаше и во црквата Светa Петка, но таа, поради недостаток на средства, пред неколку години била затворена.
Сега, во народната кујна во рамките на црквата Свети Петар и Павле секојдневно се делат топли оброци за 150 до 200 луѓе од социјално ранливи категории, без оглед на верската и национална припадност. Па така, овде, ниту тие кои доаѓаат на јадење, ниту пак тие кои истото го донираат, некој ги прашува од која националност или пак од која верска припадност се.
Храна донираат луѓето кои доаѓаат во црквата, но и муслимани кои сакаат да им помогнат на оние кои не можат да си дозволат барем еден топол оброк во денот.
Токму пред вратата на кујната го сретнавме и нашиот соговорник, скопјанецот Стефан, кој дошол да праша што е најдобро да донесе за да им се приготви утрешниот оброк на оние кои доаѓаат во народната кујна.
„Утре е Свети Стефан, мојот именден кој го прославував дома со години, но од пред некоја година решив, наместо дома да организирам ‘фешти’ и да чекам гости кои и онака се прејадени после новогодишните празници и Божиќ, да донесам храна во народната кујна барем за еден комплетен оброк на сите нејзини корисници“, вели г.Стефан.
За утрешниот ден, координаторката и раководителка на кујната, Наташа Донева му нарача грашок.
„Донеси 15 конзерви грашок, тоа е таман за еден оброк“, му рече таа на г.Стефан, а овој отиде во блискиот маркет кадешто купи 17 конзерви грашок и 10 пакувања мелено месо, 5 мешано, 5 јунешко. Ја сликавме донацијата колку да видите дека секој од нас може барем одвреме навреме да го направи истото.
Госпоѓа Марика Трпоска, втората од трите жени кои се ангажирани во народната кујна (Наташа, Марика и Ружа), уредно го запиша во својот тефтер името на господинот Стефан и ни објасни дека секогаш, пред ручекот, луѓето кои доаѓаат таму го споменуваат донаторот и се молат за него.
Ја прашувам кои се најчестите поводи поради кои луѓето донираат храна, мислејќи на тоа дали е поводот некој празник, именден или слава, а таа вели: Најмногу носат за здравје!
Овој одговор измами насмевка кај г.Стефан кој прокоментира дека луѓето очигледно, дури и кога прават добрина, мислат пред сѐ, на себе, односно, на своето здравје.
„Јас носам тука храна најмалку двапати годишно, за Света Матрона Цариградска која е на 22 ноември и ни е домашна слава, и на 9 јануари за Св. Стефан затоа што ми е именден. Како што веќе реков, наместо да славам дома, ја носам храната за еден комплетен оброк за сите корисници, ама не за мое здравје, туку во чест и слава на светителите (во првиот случај Св.Матрона Цариградска, а во вториот случај – во чест и слава на Светиот архиѓакон и првомаченик Стефан, затоа што, токму во намерата да се нахранат сиромашните е целата поента на славењето на некој светител“, објаснува тој додека ги реди производите онаму кадешто му покажаа госпоѓите Наташа и Марика.
Тие две пак, објаснуваат дека секојдневно, освен за време на викендите, тие се во народната кујна од 8 до 14 часот. Храната се служи од 13 до 14 часот, а секој ден има топол оброк за семејствата со ниски лични примања, социјални случаи и мали пензии.
„Имаме лица кои се хранат тука, во трпезаријата, а тие се некогаш од 27-30, па и до 40 души, а има и луѓе кои земаат за дома топол оброк за сите, во зависност од големината на семејството, земаат оброк за еден, за двајца, тројца“, вели Наташа која е тука веќе цели 16 години, додека пак госпоѓа Марика ја турка четвртата година. Таа е пензионерка која откако заминала во пензија решила дека е подобро да волонтира и да помага во народната кујна, отколку да седи пред телевизор или да шета од кафе на кафе. Одвреме навреме на трите постојани волонтерки, Марика, Наташа и Ружа, им помага и госпоѓа Лилјана чиј примарен ангажман е во црквата.
Годинава за првпат тие успеале да подготват и Божиќни пакетчиња со најосновните потреби на луѓето кои им ги поделиле на сите корисници непосредно пред и ден после Нова година.
„Досега не сме останале без продукти затоа што таман кога ќе се намалат резервите, се појавува некој донатор, и носи нови“, велат тие, но и апелираат до граѓаните да помагаат во поголем број.
За функционирањето на оваа кујна, сметаат тие, најголема заслуга има старешината при храмот Свети Петар и Павле, Костадин Малинов.
Добредојден е секој, а за да помогнете, верувајте, не треба многу.