Од коледари ни трага ни глас, ама бадникарските огнови никако да згаснат

За разлика од лани кога за коледе наминаа барем две-три деца, денеска не дојде ниту едно. Ама затоа синоќа, како и лани, и сите претходни години ечеше жива музика, пукаа петарди, а огнените јазици се креваа до небо.

0
677

Денеска е Бадник, утре Божик, а луѓево кои толку се жалат на загаденоста на воздухот, синоќа заборавија на сѐ – си ги наредија индијанските огништа, си запеаја, си бапнаа по некоја греана ракија и вино, ги испукаа петардите кои им останале по новогодишната прослава, па среќни и задоволни се прибраа дома да отспијат пред Бадник. И ни срам ни перде, изгореа по 5-6 кубика дрва кои само ние, кои живееме без парно и во најстудените денови со грижа на совест ги палиме старите ќумбиња на дрва, знаеме дека освен што се, нели, прогласени за загадувачи на воздухот, се и прилично скапи па за многумина кубик-два дрва би бил навистина одличен Божиќен подарок. Ама ете, наместо да ги поделат на оние кои немаат да си купат, општините и граѓаните пак си го истераа кејфот, демек, обичај било.

Епа јас не се сеќавам дека ова било обичај во времето на моето детство. Да, одевме на коледе, иако другарката на баба ми, тетка Ценка, знаеше некогаш и да не врати од врата и да ни каже дека е комунистка и не го празнува Бадник па не дава ништо ни за коледе. Арно ама, подоцнежните генерации сега тврдат дека тоа било стара традиција, „бадникови огнови имало и ќе има“!

Е како да не! Овие т.н.бадникови огнови воопшто и не се православна традиција, особено не во овој облик каков што се практикува последниве години. Дури и пред некоја година Скопската епархија излезе со одлука дека свештениците нема да ги посетуваат местата каде што се палат овие огнови и да одговараат на барањата за кршење на празничниот леб на тие места. Ама залудно! Залудно е да им објаснувате на оние ‘најтврдокорните православци и верници’ дека едно е народниот фолклор, друго црковната традиција, а трето тоа што низ годините наназад некои се обидуваат да направат симбиоза од паганизмот и христијанството.

И да не почнувам сега и за тоа дали и лепче со паричка се прави за Бадник или за Василица оти и тука се побројни оние кои се колнат дека токму паричката за Бадник е дел од православната традиција. Ама кој го интересира, може и сам да прочита и да научи. Ако пак не сака, нека си тера со лепчето, со инвентурата за тоа што ‘мора’ да има на бадниковата трпеза, и нека чека во долг ред на касите во маркетите за да не случајно му зафали на посната трпеза нешто поради што ќе му биде срам да објави слика на Фејсбук.

Не ми е важно, ниту се чувствувам повикана да кажувам како треба и дали знаете зошто паричка се става во лепчето за Василица, а не за Бадник. Баш ми е гајле и зошто утрово немаше ниту еден коледар за разлика од лани кога имаше две-три деца. Можеби децата пораснале или пак заглавиле со родителите синоќа на оган, па спиеле до пладне. Којзнае!

Ама кога ќе ми текне само што кубици дрва се истрошија за да се загреат собраните соседи дојдени на оган за да се пијанчат, да вртат ора и да пукаат петарди, сѐ во име на Господ и на верата, а некои немаат ни за кубик дрва па децата им се смрзнуваат дома, е многу ми е гајле за тоа. Парите што ги собираат одејќи од врата на врата по зградите или пак оние што ги потрошил таканаречениот маалски кум на „бадниковата забава“, камо да им текнеше да му ги подарат на некое сиромашно семејство во своето маало. Сигурно знаете најмалку едно такво во својата околина.

Не знаете? Или не ви е гајле?!

Нека ни се среќни празниците на сите и секој  нека си прави по свое – ама дома! Доста веќе со таа глупава пироманија и „индијански“ обичаи пред зградите оти ни маски не помагаат за ова.