Aebleskiver (еблескиве), или во превод од дански, парчиња јаболко, е најпознатиот десерт во Данска кој обично се прави за Божиќ. И не, во него воопшто нема јаболка, името го добил по формата која потсетува на јаболко.
Всушност, станува збор за дански палачинки за кои постои и специјално тавче за таа намена – aebleskiver pan.
Но не се обезхрабрувајте, и ако немате, советува нашата читателка и пријателка, скопјанката Валентина Петерсен, можете да ги направите во калапи за мафини и во рерна. Интересно е, вели таа, тоа што се превртуваат со помош на игла за плетење или на стапче.
Состојки:
3 јајца (Валентина користи природни јајца од својата фарма во атарот на село Моране)
Малку сол
250 г брашно
100 г стопен путер
400 мл пола-пола млеко и хопла
1 лажичка прашок за пециво
1 лажичка сода бикарбона
Приготвување:
Се матат посебно белките и жолчките. Во жолчките се додава млекото со хоплата, солта, путерот и брашното со содата и прашокот за пециво. Потоа се додаваат изматените белки, полека се промешува и се пржат во тавче премакано со путер.
Се јадат со мармалад или со шеќер.