Според неодамнешното истражување во Нов Зеланд објавено во Journal of Positive Psychology, креативното изразување како што е готвењето или печењето ги прави луѓето посреќни, пренесува порталот Bake.
Истражувачите следеле 658 испитаници, кои воделе дневник за своите дневни активности и емоционалната состојба во текот на период од две недели и откриле дека оние кои се занимавале со готвење или печење, бележеле повеќе позитивни емоции после кулинарските активности.
За пекарите, печењето колачи и други работи е двојно задоволство, затоа што тие се воодушевуваат и самите себе и другите со нивното готвење. Значи, ако се чувствувате лошо, психолозите велат дека можете да печете колачи секој ден за загарантирано подобро расположение, а овој период од годината е идеален за тоа.
Освен за лошото расположение, готвењето помага во намалување на симптомите на АДХД и вознемиреност заради мерењето на состојките и концентрацијата вложена во процесот на печење.
Мелани Дејер, готвачка и претприемничка од Лондон, ја применила оваа терапија во потполна смисла со отворање на Depressed Cake Shop, пекарска платформа за подигнување на свеста за менталните болести, која исто така собира пари за сите хуманитарни здруженија поврзани со менталното здравје.
Таа го промовира печењето колачи како корисна техника за лекување на ментални болести: „Многумина од нас се свртуваат кон готвење кога се чувствуваат депресивни“, објаснува таа, додавајќи дека дел од учениците доаѓаат без претходно искуство во кулинарството и се лекуваат преку самото учење како нешто треба да се подготви.
Фото: Pixabey