Викторија Петковска: Мирисот на мојот стан е вистинска чоколадна бајка

Оваа русокоса жена ја запознавме на годинешната Винодонија. Помеѓу сите тие штандови на кои винариите ги имаа изложено своите вина, нејзиниот беше најпривлечен. На него, наместо вина, дегустиравме чоколади

0
1931

Викторија Петковска повеќе од 13 години работи како специјалист за наплата во телекомуникациската компанија А1. Надвор од работното време речиси четири години нејзината кујна е вистинска чоколадна лабораторија.

Како почнала нејзината чоколадна приказна?

„На едно патување со мојата ќерка во Барселона додека шетавме по прекрасните улички застанавме пред еден интересен излог со чоколади  кој изгледаше како некоја приказна: разновидните колачиња, бои и форми ми оставија голем впечаток, а секако и вкусот на чоколатцата. Кога се вративме дома пробав и јас да направам и колачиња во различни форми, и чоколади. Морам да признаам, резултатот не вроди со голем успех, но во секој слободен миг испробував да направам нови и подобри чоколатца.

Секој следен обид беше поуспешен и сѐ повеќе ми причинуваше задоволство процесот на изработка. Колегите и домашните ми беа првите дегустатори и сите беа задоволни. Убаво е да се гледаат насмевки на лицата, а уште поубаво е кога причината за овие насмевки е нешто што сум го изработила со свои раце. За мене ова беше доволен поттик да се охрабрам и повторно да направам нови, поразлични од првите чоколатца“, раскажува Викторија и ни поддава да пробаме од сите тие различни чоколатца во најразлични форми и со најразлични вкусови.

А дека таа веќе е извештена во изработката доволно зборува тоа што за изработка на 200 чоколатца сега ѝ се потребни околу 4 часа, а доколку ги доработува, односно, доколку секое од нив посебно го црта, малку повеќе.

Инаку, дека не сме единствените кои на Винодонија наместо вино, испробуваа различни вкусови на ‘чоколадниот’ штанд на Викторија, зборува и тоа што уште првиот ден на Винодонија биле потрошени сите 1.400 чоколатца кои таа ги подготвила за овој настан, па за вториот ден не останало ниту едно.

„Паднав во искушение да не се појавам следниот ден бидејќи бев преморена и мислев дека нема да стасам да направам уште, но вложив напор и рано утрото почнав да правам. Направив околу 800 чоколатца, кои беа мали, не беа нацртани ниту ишарани како претходните, со цел да има повеќе за да можат што повеќе луѓе да ги дегустираат, но веќе во 19 часот повторно немаше ниту едно од оние кои со мојата ќерка и со пријателката која несебично беше покрај мене цели два дена колку што траеше настанот, ги пакувавме на штандот“, вели Викторија.

Нашата соговорничка ни објасни дека чоколадото што таа го купува на големо е италијанско и квалитетно, а таа потоа рачно ги доработува вкусовите, ги прави формите и ги црта.

Во чоколадото додава бадеми, лешници, ореви, брусници, кокос, кафе, рум….. Токму последниве, со рум, се фаворит на нејзината ќерка која, се разбира, ги обожава и сите други. На чоколатцата им се радуваат и нејзините пријателки, но и самата таа.

„О да, секако дека и јас сакам и јадам чоколадо, а омилен вкус ми е оној на лимон и на кокос, но кога ги правам не можам да јадам, бидејќи сум тогаш насочена на производот и на тоа како да го направам да биде подобар. Всушност, мислам дека ни вода не пијам додека работам“, се смее Викторија.

Ја прашав како е да се живее со мирисот на чоколадо?

„Мирисот на мојот стан е вистинска чоколадна бајка, па кога ќерка ми се враќа од тренинг или од часови секогаш кога влегува ми вели дека уште во ходникот целиот спрат мириса на чоколадо. Јас сметам дека среќните луѓе јадат чоколадо и иако неодамна слушнав како велат дека чоколадо се јаде најмногу во недостаток од љубов, не мислам дека е баш така. Ретки се луѓето кои не сакаат чоколадо без оглед дали имаат или немаат љубов. Знам дека јас се чувствувам подобро кога го правам чоколадото и тоа го правам со огромно внимание и љубов па затоа и тврдам –  животот е подобар кога јадете чоколадо.

Откако почнав со чоколадните изработки, јас сум задоволна и среќна и само кога ќе го видам ликот на тој што ги јаде. Сакам да гледам весели лица, особено ако моите производи се она што ги тера на насмевка“, вели Викторија чија насмевка е само потврда за тоа што го зборува.

Инаку, овие мали чоколадни задоволства можете да ги видите и да ги нарачате преку фејсбук страната Choco Like.