Направете домашен начос

Се разбира дека нема да купувате кога е толку лесно да си направите сами вакви здрави пченкарни крекери со семки

0
742

По вкусот најмногу потсетуваат на пченкарен чипс, но овој домашен начос, можете слободно да им го дадете и на вашите деца. Напоменуваме дека не треба да се користи палента наместо пченкарно брашно.

Состојки:

70 г пченкарно брашно

15 г ленено семе

15 г сусам

30 г семки од сончоглед

20 мл маслиново масло

125 мл зовриена вода

Химелајска сол

Приготвување:

Загрејте ја рерната на 150 степени. Прво во еден сад измешајте ги сите суви состојки па додадете го маслиновото масло и добро измешајте.

Со помош на рачна маталка мешајте додека додавате од зовриената вода. Смесата можеби ќе ви делува течно, но со време ќе се стврдне.

На работната маса ставете хартија за печење во големина на вашата тепсија, па ставете ја смесата и покријте ја со друга хартија и малку притиснете одозгора со рацете, а потоа расукајте со дебело сукало.

Смесата сосема ќе се истенчи, баш како што треба за крекери и ќе ја прекрие тепсијата од почеток до крај. Тргнете ја горната хартија и посолете, па печете околу 25-30 минути со вклучен вентилатор. Готови се кога ќе поруменат.

Фото: Pixabey