Сок од калинки на три лесни начини (ВИДЕО)

Сега е сезона на калинки, а ги има во многу дворови и кај нас, распукани, црвени, полни со витамин Ц...Арно ама, тешки за јадење, нели?

0
1414

Само од кај мене дома до пазарот во Тафталиџе 1 има неколку дворови во кој растат калинки. Во куќата до нашата која е празна и запустена затоа што соседот почина, дрвото е веднаш до оградата па кога поминувате можете слободно да си скинете неколку – сите до една се распукани и крваво црвени.

Никој не посега по нив. Претпоставувам дека е така затоа што калинките се прилично комплицирани и здодевни за јадење. Се сеќавам дека кога бевме деца, мајка ми ни даваше готови излупени зрнца калинка кој ги јадевме со лажичка. Признавам, секогаш ми било тешко сама да ги одвојувам зрната.

Се додека не го видов трикот со цедалката за лимон. Навистина е многу лесно и уште подобро кога ќе добиете сок, отколку да ги јадете зрнцата со семчиња внатре.

А потоа наидов и на уште еден начин за правење сок од калинка, овојпат, без цедалка. Малку ја гмечите со раката, малку ја засекувате и со ножот ‘буричкате’ внатре, а потоа само ја превртувате и го истурате сокот во чаша.

И на крајот, токму денеска најдов едно видео во кое некаде таму далеку во светот, двајца млади луѓе нашле одличен начин да заработат. Поставиле тезга со калинки, ги тресат зрната со помош на лупкање со лажица и на крајот ги ставаат во машина која лични на онаа со која се мелат пиперките за ајвар, ама од едната страна тече сок, а од другата излегува мелено она што останува од калинките.

Кај нас нема такво нешто, но секогаш можете и сами да си направите сок. Во секој случај полесно е отколку миењето на соковникот после секоја употреба и што се однесува до мене, наједноставен е оној со цедалката за лимон. Но како и да одлучите, вреди да си правите секојдневно сок од калинка барем додека ги има свежи и во изобилие.

Сокот од калинка има антиоксидантно дејство, а одличен е и за превентива од кардиоваскуларни болести, а калинките се препорачливи и за бубрезите. Истражувањата покажале дека калинката ги штити бубрезите од штетните токсини.

Исто така, експертите рекле дека го штити и регенерира црниот дроб, а го подобрува и имунолошкиот систем. И се разбира, преполни се со витамин C.

Фото: Pixabey