Пипер за секоја манџа…

Иако постојат неколку варијации, најпопуларен е црниот пипер кој се става во буквално секое јадење, но затоа пак, велат дека белиот е поздрав. Инаку, сите варијанти на пиперот се плод од иста билка која се бере во различни степени на зрелост и минува низ различни начини на обработка

0
243

Црниот пипер е зачин, чија лутина потекнува од пиперинот, кој во едно зрно е застапен помеѓу 4,6 и 9,7 отсто, додека пак во белиот пипер овој процент е малку поголем. Аромата потекнува од рутондонот, кој може да се најде и во други зачини како што се мајоран, оригано, рузмарин, босилек…

Постојат неколку варијации на пиперот: бел, црн, зелен, црвен. Белиот има поблага арома од црниот и се смета за поздрав. Но, и тој и останатите варијации не се различни видови на пипер, туку станува збор за истиот piper nigrum, но без лушпа (бел) или набран како потполно зрел (црвен пипер) или пак незрел плод (зелен пипер).

На пазарот најчесто овој зачин се појавува како црн пипер, кој се добива со берење и сушење на недозреани бобинки, и бел пипер, кој е многу поквалитетен, а се добива од целосно зрели црвени бобинки.

Белиот пипер се бере како потполно зрел плод. Со процесот на натопување и лупење, надворешната лушпа се отстранува во целост и така добиената семка се суши. 

Зелениот пипер се бере уште додека е зелен и се обработува со посебна постапка за да ја задржи својата боја, а потоа се суши. Црвениот се бере како потполно зрел плод кој пред сушењето се подвргнува на слична постапка како и зелениот за да ја задржи својата боја во процесот на сушењето.
Розевиот пипер, кој најмногу се става во мешавините, воопшто не спаѓа во семејството пипер. Тој е помал и неговата надворешна опна е сосема мазна со видливо место на кое се наоѓала петелката.

Како и другите зачини, така и пиперот има широка примена во кулинарството, но и во алтернативната медицина. Црниот пипер има антиоксидативни и противвоспалителни својства. Се смета дека е делотворен во случај на тврда столица, диареа, проблеми со варењето, несоница, болки во зглобовите, забоболка, проблеми со белите дробови и црниот дроб. Пиперинот, активната супстанца во пиперот, ја поттикнува апсорбцијата на селен, витамин Б, бета каротен и други нутриенти. Пиперинот ја поттикнува термогенезата на липидите, го забрзува метаболизмот во телото и го поттикнува производството на сератонин и ендорфин.

Потекнува од југоисточна и јужна Азија, поточно од Индија, и во тамошната кујна се користи веќе четири милениуми. Пиперот е најпознатиот зачин во светот и од вкупната трговија со зачини на него отпаѓаат околу 20 проценти. Нејголеми светски произведувачи се: Виетнам со 34%, а потоа следат Индија, Бразил, Индонезија, Малезија, Шри Ланка, Кина и Тајланд.

Фото: Pixabey