На Светската мапа на сирења има навистина голем број најразлични видови на сирења и кашкавали од целиот свет, па ме фати нервоза кога прегледувајќи ги не можев да најдам ниедно наше. А нели, имаме доста, па и она биеното сирење за кое велиме дека не се прави на ниедно друго место и кое никако да го заштитиме како македонски производ.
А кога ќе видите дека некои од нашите соседни земји, како и оние од поранешна Југославија, се застапени со по неколку видови, или пак кога ќе наидете на сирење од Узбекистан, Авганистан, Иран или Индија, некако не ви е сеедно.
Па нели имавме ние многу убави сирења? А на мапава, само едно наше, Шарпланинскиот овчи кашкавал, и тоа без фотографија! Очекував да го видам барем Галичкото сирење, нели тоа беше некојси бренд? Ама ништо, ништо освен Шарпланинскиот овчи кашкавал.
А потоа сфатив дека има опција за пријавување. Па ве молам, всушност, предлагам да го пријавиме биеното сирење, и тоа со фотографија, па козјото, може да ја пријавиме и урдата, ние имаме убава мавровска урда, нели? Имаме и други убави кашкавали, ајде производители, ве молам, пофалете се!
Поднесете го својот предлог или пријавете се директно на овој мејл [email protected].