Млади ореви: Сега му е „мајката“!

Највкусни се токму сега, се уште млади, кревки, бели и најважно од сѐ, здрави. Ако и вие го сакате вкусот на младите оревчиња, не ја пропуштајте сезоната - такви се само сега!

0
899

Ако сте мераклии за грицки, сигурно оревите ви се последни на памет. Грицкате семки, сончоглед, кикирики, бадеми, ф’стаци, лешници, а оревите најчесто ви паѓаат на памет кога треба да ги ставит во некои колачи или во торта.

А всушност, овие есенски плодови,се најздрави од сите јаткасти овошја. Оревите се богат извор на омега 3 масни киселини и содржат многу висококвалитетни протеини кои добро ги заменуваат хранливите материи од месото па поради тоа им се препорачуваат особено на оние кои се на вегански начин на исхрана.

Исто така, содржат витамини, минерали и влакна, а немаат глутен.

Оревите содржат и серотонин, познат како хормон на среќата, а добри се и за диети бидејќи бргу заситуваат. Кого како, ама да, заситуваат!

Една рака ореви е одлична варијанта за да ги избегнете сите други нездрави грицки по кои можете да посегнете во напад на глад.

А сега е токму време за најубавата варијанта, кога оревите се сѐ уште млади, кревки, бели и многу, многу вкусни.

Освен ова, оревите е препорачливо да се јадат и како превенција од рак, срцеви заболувања, предвремено стареење и други здравствени тегоби, а за тоа, велат, доволна ви е по една рака ореви на ден.

Имено, една рака ореви (околу 30 грама) содржат повеќе антиоксиданси отколку вкупните антиоксиданси кои просечна личност ги добива од овошјето и зеленчукот.

Години на истражување го поврзуваат редовното консумирање на ореви или путер од кикирики со намален ризик од срцеви болести, одредени видови на рак, камења во жолчка, дијабетис тип 2 и други здравствени проблеми.

Покрај сето ова, овие мали „мозоци“, се одлични и за здравјето на мозокот. Во 2009 година една студија во списанието за исхрана (Journal of Nutrition) открива дека исхраната која вклучува дури и само 2% ореви, го спречува стареењето на мозокот кај старите стаорци, вклучувајќи ја и способноста на мозокот да функционира и да процесира информации.

Исто така, една студија презентирана во 2010. година на Меѓународната конференција за Алцхајмерова болест, покажала дека, откако ги хранеле со ореви глувците со докажана Алцхајмерова болест го подобриле учењето, помнењето и моторната координација.