Кога сакате да направите нешто здраво, а слатко, не ви треба рецепт. Употребете сѐ што ќе ви текне и гледајте да запамтите.
Ако ви успее, сигурно ќе сакате да го повторите.
Сега ќе напишеме што сѐ има вo овој тукушто измислен здрав и посен колач, а за количините – ќе морате да се обидете самите да процените колку од што треба да ставите.
Состојки:
Овошје по избор – ние ставивме сливи и праски
малку кафеав шеќер – само за поросување на овошјето
маџун
3-4 урми
млеко од ориз
цимет, рум, ванилин шеќер (за овошјето)
кокосово масло
рогач
какао
мелени ореви + сечкани оревчиња за поросување врз овошјето
брашно по избор (ние ставивме еден дел бело брашно, еден дел пченкарно, и еден дел гриз)
1 пудинг од ванила
1 прашок за пециво
Приготвување:
Намачкајте ја тепсијата во која ќе се пече колачот со кокосово масло.
Одозгора исечкајте го овошјето за да се покрие дното, а врз него поросете цимет, малку кафеав шеќер, сечкани оревчиња и попрскајте малку рум. Расфрлете одозгора уште малку кокосово масло.
Во еден сад растворете го млекото од ориз (ако е во прав).
Ставете маџун, омекнато кокосово масло, и сите останати состојки како што ќе ви дојде и прилагодувајте ги во зависност од густината на тестото кое не треба да биде ниту премногу течно, ниту премногу густо.
Истурете го тестото врз овошјето и распоредете го за да се покрие.
Печете половина час на 180 степени.