Деновиве во Гилрој, мирисот на смртта го замени мирисот на лукот

Деновиве сите слушнавме за фестивалот за храна посветен на лукот - Gilroy Garlic Festival во Калифорнија кога во пукање загинаа три лица, а 15 беа ранети. Претходно, овој град беше најпознат по мирисот на лук, а најголем хит беше сладоледот со лук! Го најдовме рецептот па ако сте спремни за нови вкусови, можете да го направите и самите дома

0
101

Повторно слушнавме за фестивалот за храна посветен на лукот, познат како Gilroy Garlic Festival во Калифорнија кога деновиве (28.јули), последниот ден од тридневниот фестивал, во пукање загинаа три лица, а 15 беа ранети.

Gilroy Garlic Festival се одржува секоја година во Гилрој, Калифорнија, на последниот викенд во јули во Christmas Hill Park.

Фестивалот на лукот е еден од најпознатите фестивали за храна во САД и привлекува посетители од целата земја. Се одржува токму во Гилрој, град со 60 илјади жители и главен производител на лук.

Овој фестивал се одржува од 1979 година, а го почнал Рудолф Џеј Малоне кој во тоа време бил претседател на Gavilan колеџ во Гилрој, инспириран од мало гратче во Франција кое било домаќин на годишен фестивал на лукот и закое се тврдело дека е „светска престолнина на лукот“.

Денеска американската верзија од фестивалот привлекува повеќе од стотици илјади посетители годишно.

Практично, Гилрој, Калифорнија се самопрогласил за светска престолнина на лукот, а фестивалот кој се одржува таму секоја година се одликува со со тоа што таму лукот се користи на речиси секој начин што може да се замисли. Па не е изненадување што отааму доаѓа и еден одличен рецепт за сладолед со лук.

Како изгледа сладоледот од лук?

Постојат само два начини да дознаете. По последните немили настани, ви препорачуваме да го одберете вториот начин и да си го направите овој сладолед дома.

Состојки:

2 чаши полномасно млеко

1 чешне лук (згмечено)

1 зрно од ванила (поделено на половина, а семето оставете го настрана) (Ако немате, ставете ванилин шеќер и 1 лажица екстракт од ванила)

1 чаша слатка павлака

1 1/2 чаша гранулиран шеќер

8 големи жолчки од јајца

Приготвување:

Во тенџере ставете ги млекото, лукот, ванилата и семето. Почекајте да зоврие, а потоа тргнете го настрана.

Во среден сад изматете ја павлаката, шеќерот и жолчките додека не се соединат. Мешајте постојано додека ја истурате мешавината со топлото млеко во смесата со јајца и шеќер.

Вратете ја смесата на оган и постојано мешајте на тивок оган додека не се згусне малку, околу 10 до 12 минути, но не смее да врие!

Истурете ја смесата во сад и разладете го во сад со ледена вода или мраз. Потоа, ладната мешавина, истурете ја во машината за сладолед, ако имате, ако не, тогаш изматете ја со миксер и ставете ја во замрзнувач. Повторете ја постапката и размешувајте ја смесата барем уште двапати (ако немате машина за сладолед).

Пробајте, па информирајте не за вашето мислење.

За некои, овој некарактеристичен вкус е вистинско освежување во светот на десертите, додека други би сакале што побргу да заборават на овој гастро експеримент.

Еден муштерија вака ја опишал својата прва средба со овој сладолед: „На почеток прво почувствував вкус на обична ванила, но набрзо се појави вкус на лук, кој стануваше се посилен како што сладоледот се топеше во мојата уста“.

Љубителите на лук знаат дека неговиот богат и до некаде слаткаст вкус може да биде неодолив, но она што никој не го сака е непријатниот здив кој го имаме по консумацијата на оваа намирница. За жал, и сладоледот со лук има иста нуспојава.

Фото: Pexels