Не се сеќавам точно кога и како ја запознав Ирина Јаневска (веројатно беше нешто околу кулинарството), ама кога првпат седнавме да пиеме кафе, не се ни напивме кафе, ама уста не затворивме, како да се знаеме со години.
Оваа девојка која е постојано ратрчана и во акција, веројатно кога си легнува навечер низ главата ѝ се ројат еден куп идеи за нови проекти и ангажмани со кои ќе им помогне на оние кои компаниите во трката за профит најчесто ги забораваат, на маргинализираните, или едноставно, на младите на кои им треба само мал поттик и насока за да си го најдат своето место во општеството.
Ирина е оснивач на АРНО – Асоцијација за развој на нови опции, иако многу повеќе, со она што го работат, се асоцијација на тоа што во речникот можете да го најдете како објаснување за зборот АРНО, значи, „добро“, „убаво“, сѐ што е спротивно од неарно.
АРНО е здружение за социјални иновации со посебна мисија за развој и имплементација на социјални иновациии и промоција на нови опции и современ технолошки пристап за промена, поточно, за подобрување на општеството.
А оснивач и мозок на АРНО е Ирина.
Затоа и не е чудно што е АРНО организација со визија, талент и енергија, бидејќи сето тоа би можело да стои и во описот на оваа девојка.
А таа, заедно со својата организација е креативен извор на решенија за подобрување на заедницата во која живееме, со подготвеност и способност да одговорат на социјалните проблеми.
Во 2015.година Ирина и АРНО беа еден од добитниците на наградата за социјално претприемништво во Македонија за проектот Кулинари.мк, кој стана препознатлив бренд и нешто што одлично функционира до ден денес.
Она што таа го прави и што веројатно е и нејзина најголема мотивација, како што вели, е кога гледа колку малку интервенција и поттик се потребни за да се сменат нечии животи. Затоа особено ја радува тоа што наместо првичната замисла на учениците-готвачи да работат како келнери поради можноста за бакшиш, тие се враќаат кон своите готвачки кариери и напредуваат, се вработуваат во реномирани локали и се отворени да учат и понатаму.
Но како почнало сѐ? Како Ирина се најде во светот на социјалното претприемништво?
Вели дека израснала во невладиниот сектор, а нејзината приказна со АРНО почнала во 2013.година.
„Во периодот додека работев во една друга голема фондација, добив стипендија од британската амбасада за да престојувам два месеци во социјално претпријатие што сертифицира други социјални претпријатија. Во Лондон го посетив ресторанот на Џејми Оливер – „Fifteen“ и бев воодушевена од неговата идеја да земе 15 деца кои имаат проблеми со законот и воопшто во општеството, да ги обучи за да станат професионални готвачи, и да им даде шанса да работат во ресторанот а со тоа и да им даде еден нов правец во животот. Сакав да го работам истото, знаев дека сакам да биде нешто со храна и нешто со социјално претприемништво затоа што сум израсната со невладиниот сектор. Во тоа време фондацијата во која работев престана да работи, но имав среќа зашто таму координирав еден проект што се вика „Филантропија преку зелени идеи“, па јас бев првиот кому му пристапија донаторите кога фондацијата престана да работи, за да го продолжам она што веќе имаше приказна во земјава.
„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Победниците од секоја од овие земји се натпреваруваат на регионален натпревар за парични награди од 10.000 долари.
Ние во АРНО гледаме на овој натпревар не само како на извор на финансии и поддршка за локални бизниси, туку и како инспирација и охрабрување за сите наши граѓани за зелена економија и социјално претприемништво. Горди сме затоа што оваа година конкуренцијата беше голема и силна, а ние си дојдовме дома со две од четири награди“, раскажува Ирина.
И навистина, од 2015. кога АРНО почнува со администрирање на натпреварот на национално ниво, Македонија го добива својот прв регионален победник (Наша Добра Земја-Прва кооператива на органски потрошувачи). Во 2016. повторно имаме македонски победник: Марта Мојсова млада архитектка која основа стартап за поправка и редизајн на стар мебел (СПИН), и во 2017. имаме двајца победници: Кристиан Шопов, еко-магионичар кој преку забава пренесува еколошки пораки (Еко илузии) и Јане Заевски кој заедно со својот тим ја основаше платформата „Храна за сите“ преку која се продава и донира непродадена храна од угостителските објекти.
Годинешните победници на натпреварот што од 9. до 12. јули се одржа во Тирана, две награди им беа доделени на две македонски зелени идеи – производство на био смарт ориз и мобилна апликација што ги наградува сите еколошки одговорни корисници.
Но ова не е единствената успешна приказна на Ирина и на АРНО.
„Кога станува збор за АРНО, почнавме заедно со еден мој другар-програмер. Јас и мојот активистички пристап и тој и неговата експертиза имавме идеја како да ги споиме и да работиме и така се роди и првиот проект на АРНО – Младинска професионална кујна, нови технологии за социјален бизнис што беше финансиран од УНДП.
Влеговме во Средното угостителско училиште „Лазар Танев“, најдовме заеднички именител помеѓу храната, социјалното претприемништво и Ај-Ти секторот и завршивме со интересен резултат, две мобилни апликации, два сајта и Кулинари као бренд.
Coolinari.mk и РЕЦЕПТКО се продукти на проектот „Младинска професионална кујна: Нови технологии за социјален бизнис“ имплементиран од „АРНО“.
СУГС „Лазар Танев“ во рамки на своето работење нуди и кетеринг услуги, кои се дел од нивната социјално- претприемничка активност, а токму овие кетеринг услуги беа нашиот прв контакт и не воодушевија и инспирираа да почнеме да работиме со училиштето. Она што го забележавме е дека иако има голема понуда, пристојни цени и професионална услуга, граѓаните малку знаат за кетерингот. Одлучивме да ангажираме фотограф кој изработи фотографии од целата понуда, веб дизајнер и програмер кои ја создадоа дестинацијата www.mojketering.mk , а ние преку различни активности ја промовиравме оваа услуга на училиштето. Институциите во голема мера ги користат овие услуги, а благодарение на промоцијата од „АРНО“ оваа веб-страница беше вистински посетена и користена.
Но во нашиот дел имавме големо разочарување. Потрошивме пари за мобилни апликации, многу вложивме, а од 20 деца готвачи само двајца сакаа да бидат готвачи, а од две девојки, едната се откажа веднаш, а другата се омажи во трета година. Но во еден момент ни се јави Антонио Ѓорѓиевски (еден од оние кои сакаа да станат готвачи), кој ни рече: Јас постирав на Твитер и ми стигна понуда за работа, каде е моето CV.
Така ни се отвори нова мотивација, сфативме дека можеме да ги конвертираме овие деца во луѓе кои навистина сакаат да направат кариера. Антонио до ден денеска е со нас, член е во Извршен одбор и главен активист. Тој доби и награда за младински активист од УСАИД, и со наградата си купи професинални ножеви, запиша часови по англиски.
Инаку, првично кога требаше нашата идеја да се оствари и сето тоа да се направи да биде и комерцијално, компаниите на кои им нудевме соработка од типот на објавување рецепти од страна на учениците направени со нивни производи, идејата им се допаѓаше, ама ни нудеа компензација, на пример, две канти сирење.
Останавме зачудени, па така го напуштивме тој дел со ај-ти затоа што сфативме дека можеби не беше вистински момент. Потоа, благодарение на наградата за социјално претприемништво се вративме во офлајн светот. Сфативме дека за вистински да ги мотивираме учениците треба да ги изградиме нивните вештини, а од друга страна за да го промовираме стручното образование треба да покажеме колку готвењето е атрактивно и посакувано. Преку наградата за социјално претприемништво исто така вистински „се пробавме“ на пазарот, и сфативме колку е различен комерцијалниот наспроти НВО-пристапот.
Со сето тоа искуство зад себе, ги направивме и „Часовите за готвење“ во соработка со „Лазар Танев“, но овој пат и во проширено партнерство заедно со Здружението за заштита, промоција и едукација за храна „Слоу фуд Водно“. Часовите ги продававме, а секој што ќе кликнеше за да купи ќе видеше дека мисијата е поголема, дека се инвестира во нешто што има голем потенцијал.
Така почнавме и така coolinari.mk стана еден од најпрепознатливите проекти на здружението „АРНО“, задоволно ни прераскажува Ирина.
Здружението „АРНО“ во партнерство со три училишта го спровеле и проектот „Ученици денес – одговорни претприемачи утре“.
„Целта на проектот е да се надградат постоечките програми за претприемништво во училиштата и учениците да учат за корпоративна општествена одговорност, социјално претприемништво, филантропија, …Затоа што НЗС за сите концепти којшто се повикуваат на правење добро за заедниците е филантропијата. Да се биде добар човек, па понатаму да се биде добар бизнисмен, добар ученик, другар, родител, професор, координатор и сите останати улоги. Работејќи со учениците гледаме дека има простор за напредок и дека со мала инвестиција, може да се направи многу.
Исто така, друга мисија ни е одржливиот развој.
Имено, целите за одржлив развој се патоказ за сите земји во светот кои се потпишаа дека до 2030. ќе се исполнат овие цели кои се обемни но секоја земја си поставува свој таргет, за колку ќе се искорени сиромаштијата, како ќе се намали родовата нееднаквост, како ќе се реши пристапот на лицата со попреченост, како ќе ја заштитиме животната средина, итн. Овие 17 цели си имаат свои таргети за кои државата се обврзува, а ние имавме можност преку наши проекти да приднесеме во остварувањето на некои од нив на различен начин.
Ние сакаме да работиме со пристапи кои никој досега ги нема тестирано, кои се експериментални, нови за заедниците или нова тема за општеството, па токму оттука и во контекст на една од целите за одржлив развој, а тоа е родовата еднаквост, преку соработка со УНФПА и мрежата на невладини организации, го организиравме и Саемот за мажи „И мажите можат“ како дел од истоимената национална кампања чија цел е да го промовира вклучувањето на мажите и момчињата за родова еднаквост.
Имавме три работилници, за готвење, за пеглање и диплење и за анимирање на деца со театар на сенки, а имавме мажи- инструктори и бевме посебно горди затоа што успеавме да најдеме мажи што знаат да пеглаат, да диплат и кои им објаснија на учесниците дека улогата е возможна и дека може да се носи со гордост. Работилниците поминаа одлично и гледаме дека јавноста реагира на пристапот. Од аспект на иновација, овој пристап има голем потенцијал. Се разбира дека не е само прашањето на пеглање и готвење кога зборуваме за родова еднаквост, но вклучувањето на мажите и започнување на една широка дискусија за нивното вклучување е особено важно. Овој настан го организиравме како перформанс за споделување на пораки на позитивни примери, но во иднина потребни се пошироки акции на сите нивоа на општественото живеење и сите заедно и мажите и жените да застанат зад барањата за поголема родова еднаквост. Само во општество кое е праведно и нуди еднакви можности и услови за сите може да случи вистински напредок. Ова беше еден пример како АРНО преку социјална иновација се обиде да придонесе кон еден од овие таргети, тоа беше мала иницијатива но направи голем бум“, вели таа.
И навистина, има ,ли некој што не слушна за овој саем? Ирина има уште многу идеи кои сме сигурни дека ќе ги реализира, затоа што таа вистински се грижи и за луѓето и за средината, за природата.
„За мене социјалното претприемништво е граѓански одговор на капитализмот. Во свет со ваква динамика и односи, во целата трка за профит, компаниите ги забораваат оние на маргините и не се грижат многу за еколошките ризици. Социјалните претпријатија наспроти тоа, поради силната социјална мисија се грижат за сите, и се грижат и за околината. Одржливоста на социјалните претпријатија е потешка, потребна е голема свест кај граѓаните и кај сите чинители. За државите во развој, или на пример во Македонија каде пазарот е мал, е тешко, но не и неизводливо функционирањето на социјалните претпријатија. Ние имаме и пример за кооперативи од минатото, а имаме и голем индекс на солидарност па може да се каже дека луѓето ценат кога некој производ/услуга има повисока социјална цел“, вели Ирина, погледнува на часовникот и скока од столчето.
„Упс, веќе помина 14 часот, имам уште еден состанок, а можам да ти раскажувам уште два дена“, се смее таа.
Верувам дека е така и си мислам, да имавме барем уште неколкумина со идеите, со полетноста, со енергијата, но и со хуманоста на Ирина, ехеее, каде ќе ни беше крајот!