Се сеќавате ли на поранешните сладоледи?

Ако имате деца кои никогаш не пробале и не знаат каков вкус има вистинскиот сладолед, одвојте време и направете им го овој домашен сладолед по рецептот на нашите баби.

0
252

Кај нас дома во лето секогаш имавме домашен сладолед. Најмногу го паметам оној основниот, од ванила.

Мислам дека денеска никаде не може да се најде овој вкус, па ако имате деца кои никогаш не пробале и не знаат каков вкус има вистинскиот сладолед, одвојте време и направете им го овој. Треба малку трпение, но ништо страшно. Едноставно е, пробајте.

Основен рецепт за сладолед од млеко:

Состојки:

4 жолчки

2 лажици шеќер во прав

1 лажичка пченкарен скроб

570 мл свежо млеко

50 г путер

Неколку капки екстракт од ванила

Приготвување:

Изматете ги жолчките со шеќерот, па додадете го скробот. За тоа време загрејте го до вриење млекото во кое сте го додалe и путерот,  и тргнете го од ринглата.

Додавајте го тоа млеко во жолчките со постојано мешање па вратете ја цела смеса повторно во тенџерето и варете на тивок оган постојано мешајќи со дрвена лажица додека не се направи како крем.

Ова е моментот кога можете, ако сакате, да додадете уште нешто по ваша желба. На пример, ако сакате чоколаден сладолед, додадете стопено чоколадо, а ако сакате овошен, додадете изблендирани јагоди, малини, или што и да сакате друго.

Ставете ја смесата во замрзнувач и кога ќе биде половично замрзната, добро измешајте ја со миксер, па повторно вратете ја во замрзнувачот. Тоа можете да го повторите уште еднаш-два пати ако сакате да добиете мазен сладолед без оние замрзнати иглички.

Се разбира, ако имате апарат за правење сладолед, не мора да го правите тоа.

Фото: Pixabey