Приказна за традиционалните хрватски „папрењаци“

Папрењаци, пиперњаци... традиционалните хрватски колачи кои баш и немаат некој соодветен македонски превод, на островот Хвар се правеле цели пет века, но неодамна си заминала единствената Хваранка која ги изработувала рачно, на традиционален начин

0
293

Ги видовме во некои продавнички за сувенири и не потсетија на на оние светски познати колаченца од ѓумбир кои во светот обично се прават за Нова година и за Божиќ.

Но иако потсетуваат, овие колачи за кои велат дека на островот Хвар се прават веќе пет века (еден од првите записи за староградските папрењаци е од 16.век), во минатото најчесто ги правеле мајките и жените за своите синови и мажи поморци бидејќи тие немаат рок на траење.

Некои од постарите жители на Хвар велат дека на времето служеле и како природен барометар: кога ќе омекнат, се знае дека ќе дува југ и дека ќе врне дожд, а ако се стврднат, ќе сврти на бура.

Секое семејство кое држело до традицијата имало обичај да ги служи овие колачи на сите празници, семејни прослави и важни настани, а тоа не се сменило ни до денес. Она што се сменило е начинот на изработка. Всушност, до неодамна на стариот традиционален начин ги изработувала само извесна госпоѓа Винка Тудор која живеела во Стари Град на Хвар, во чие семејство со генерации се чувал рецептот за овие колачи.

Ги правеле, нејзината мајка, тетка, баба, прабаба, а потоа и таа, сѐ до пред 2-3 месеци кога заминала во Норвешка. Барем така ни кажаа кога ја побаравме во нејзиниот роден Стари Град.

Госпоѓа Винка била единствената која на островот ги правела рачно, без калапи, а цената на нејзините традицинално направени папрењаци, не ја менувала со години – еден папрењак чинел 7 куни (околу 1 евро).

Инаку, станува збор за скапи колачи за кои треба многу мед, маслиново масло и зачини. А најинтересно од сѐ е тоа што иако според името, би очекувале во нив да има пипер, овој зачин во нив го нема.

Мештаните велат дека името го добиле по зачинот „папор“. Имено, во Хвар постои еден единствен пишан рецепт. Сѐ во него е – трошка од ова, трошка од она. Никаде не ги пишува зачините што одат во овие колачи затоа што сите зачини во минатото доаѓале под името папор. Најчесто е тоа мешавина од зачини кои се ставаат во овие колачи, а тоа се мускатно оревче, цимет и каранфилче. Што се однесува до медот, најдобар е оној од јоргован, или пак да се помешаат неколку видови мед што најмногу се произведуваат во Хвар, како што се оној од лаванда, рузмарин и жалфија.

Постојат различни форми, но најчести се оние на риба, амфора, детелина, срце, кокошка, кошнички. Украсувањето некогаш се правело со стапче од винова лоза во чиј врв се боцнувала шпенагла која потоа се натопувала во смеса од белки, шеќер и неколку капки сок од лимон.

Некогаш овие колачи биле многу поголеми и се кршеле на помали делови, а се служеле со прошек.

Еве што е потребно ако сакате да се обидете и да ги направите овие хварски традиционални колачи:

Состојки:

500 грама мед

250 г маслиново масло

250 мл бел прошек

2 кесички шафран

1 лажичка цимет

Малку сода бикарбона

1 мускатно оревче

Прстофат каранфилчиња

1 кг брашно

Приготвување:

Зовријте го медот и ставете го да се лади.

Каранфилчињата и прошекот ставете ги на оган да зовријат и оставете и тие да се ладат.

Шафранот натопете го во прошекот и оставете да стои додека не се олади медот. Во медот помешајте мускатно оревче, цимет, сода бикарбона. Потоа исцедете ги каранфилчињата и прошекот и ставете го прошекот со шафран.

Измешајте сѐ да се соедини па додадете го брашното и замесете го ретла смеса која треба да стои минимум 5-6 часа.

Потоа замесете и правете топчиња од кои се прават различни форми. Се печат околу 20 минути на 200°C.

За украсување – т.н. „цукровање“ се мати снег од белки и шеќер во прав, се додаваат неколку капки сок од лимон и со таа смеса се прават шари.

Велат дека треба да знаеш како да го јадеш, кршиш парче, го ставаш во уста и чекаш да се стопи – таа најдобро можат да се почувствуваат зачините.

Ах, којзнае какви биле колачите на госпоѓа Винка покрај чија куќа застанувале многу патници намерници привлечени од аромата на нејзините папрењаци! Штета што нема да ги пробаме!

Фото: Пинтерест