Не купуваме шеќер – кафе, чај, па дури и торти, правиме со маџун

Ѓорѓи и Мица Наумчеви, се маж и жена, брачна двојка во средни години кои ако не знаете колку години имаат, по нивниот изглед никогаш не би можеле да им ги одредите. И двајцата изгледаат помладо отколку што навистина се. Која е тајната? Нема тајна: двајцата спортуваат, јадат маџун, не го пропуштаат семејниот ручек и пијат по малку вино и ракија. И сѐ е домашно, мејд оф Наумчеви!

0
2416

Еден од најсимпатичните дијалекти во државава за мене е оној на кој лафат кавадарчани. Можеби има нешто во тоа што откако знам за себе, првите соседи со кои ја делевме нашата финска барака во Тафталиџе, беа кавадарчани, можеби има нешто и во тоа што мајката на мојата најдобра другарка потекнува од Кавадарци па секогаш си лафеше и фала му на Бога, сѐ уште си лафе по кавадаречки, а можеби има нешто и во тоа што мојот најдобар пријател исто така има кавадаречко потекло и многу роднини и пријатели во градот на виновата лоза.

А таму сум била веќе многу, многу пати, и на закројување на лозјето и на гроздобер, и на „Гроздоберче“, и на панаѓур, и на маскенбал, и на пазар и на чорба, и се разбира, во неколку винарии. И се разбира, таму сум го јадела највкусното грозје, сум пробала најдобра ракија и најдобро вино, превкусни пишии и предобар маџун.

А приказната за маџунот која ни ја раскажува нашиот домаќин Ѓорѓи Наумчев, е стара колку и грозјето, а во Тиквешијата, според археолошките истражувања, одгледувањето на виновата лоза има традиција долга и повеќе од 2.000 години.

Маџунот е природен производ со карактеристичен мирис и слатко-кисел вкус, а кавадарчани, освен како лек, го користат и како природен засладувач за кафе, чај, па дури и за правење торти, слатка и колачи. Токму поради маџунот, овдешните десерти имаат неповторлив вкус.

„Маџунот се произведува од гроздов сок и е одлична замена за сахароза. Тој се користел и многу помасовно се произведувал во минатото, кога го правеле во секоја куќа, а денеска се прави во секоја трета. Порано, кога белиот шеќер бил премногу скап, нашите дедовци и баби, прадедовци и прабаби, од немајкаде, консумирале само маџун и биле многу поздрави. Имено, маџунот е природен антиоксиданс, содржи гроздов шеќер (гликоза и фруктоза), богат е со минерали и со витамини (В1, В2, Б6 и C), танини, флавоноиди и органски киселини. Најпознат е како лек за жолтица, но и за јакнење на имунитетот.

Се добива  од висококвалитетни сорти грозје, а јас го правам од станушина и од вранец. Маџунот се добива со варење на гроздовиот сок исцеден од меленото грозје, односно, од шира. Прво се точи ширата, па се запрстува, некои го прават ова со пепел, некои со земја – ума земја и со сода бикарбона. Се загрева сѐ додека не дојде до точка на вриење, се вади од огнот, се додава една рака пепел од дабово дрво, самата течност има реакција и прави пена која се отстранува неколку пати. Потоа ширата се вари повеќе часови (4, 5, 6, 7, 8 саати), додека не се згусне и не добие кафена боја. Многу пати кај нас го прегоруваат маџунот, па тој губи на хранливост, со варењето витамините се уништуваат, ама има минерали. Од 10 килограми грозје, излегува само една тегла маџун (околу 650 мл.)“, објаснува Ѓорѓи.

Вели дека тој својот маџун го прави прво за себе, а потоа и за пријателите и за оние редовни купувачи кои го земаат откај него дома бидејќи во малопродажба неговиот маџун воопшто и го нема.

Вели дека многу жители во Тиквешкиот регион, во својот подрум чуваат маџун кој е стар и по неколку години, па и децении, маџун  наследен од нивните баби и дедовци, бидејќи, колку е постар маџунот, толку е и полековит.

„На овие простори, само ние го имаме маџунот, и секако, Турците иако кај нив тој изгледа сосема поинаку. Во другите земји пак воопшто и не знаат што е маџун. Луѓето – енолози, кои доаѓаат кај нас од Франција, Шпанија, Италија, и други земји во кои се произведува вино, не го знаат како производ. Неодамна имавме гости и од Америка, туристички тури, и тие се чудеа и не знаеја за што всушност станува збор. А ние секогаш, на крајот од дегустациите кои се организираат за групите на туристи кои доаѓаат во посета на винаријата „Наумчеви“, секогаш им даваме да пробаат од маџунот. Затоа никој досега не се пожалил на главоболка. Логично, кога човек ќе претера со пиење му се дава гликоза со инфузија, а ние со маџунот го правиме истото, само што гликозата во случајов се прима преку консумирање на маџунот. Татко ми беше невропсихијатар и негова специјалност беше алкохолизмот, па и самиот секогаш го препорачуваше маџунот кој инаку, во нашето семејство традиционално се прави. Паметам дека кога бевме мали во маалото во кое и денеска живееме немаше огради, и во секој двор се правеа маџун и ракија и ние, иако деца, секогаш добивавме за проба и од маџунот и од ракијата. Се разбира, по малку. Затоа, наместо да ни се забранува и со самото тоа да ни стане уште попривлечно, нас не научиле на умереност“, раскажува Ѓорѓи и додава:

„Маџунот во овие краишта се користи повеќе од медот. Тој е најдобар лек за жолтица, чистач на организмот од токсини, нечист воздух, нездрава храна и пестициди. Се препорачува за зајакнување на имунолошкиот систем кај децата, рековалесценти, возрасни, спортисти како и кај лица со зголемен психофизички напор, како и кај оние со зголемено ниво на триглицериди. Маџунот е ефикасно природно средство кое помага при инфекции на дишните органи, при нарушена функција на хепар (жолтица, алкохолизам), при психолошки нарушувања. Накусо, секојдневната конзумација на маџунот ќе придонесе за подобрување на целокупното здравје. Се препорачува да се внесува по 1-2 супени лажици дневно растворен во вода, чај, млеко или со директна консумација“.

Токму тоа го практикува и нашиот домаќин. Инаку, Ѓорѓи бил професионален кошаркар. Еден од подобрите во Македонија. Играл за Тиквеш, Слога, Радовиш, Бучим, но не и за тогашната репрезентација на Југославија.

„Во Југославија тогаш беше голема конкуренцијата, а јас растев во време кога репрезентативци беа Дражен Петровиќ и Тони Кукоч. Да не бидам разбран погрешно, ама денеска е понаку – помала држава и помала конкуренција. Јас сум сѐ уште активен во кошарката и освен што трчам на маратони, играм кошарка за клубот на ветерани, одиме низ цел Балкан и учествуваме на меѓународни турнири. Наскоро ќе полнам 57 години, а мојата сопруга Мица има 55, но секојдневно трча по 10 километри.

И додека јас сум мајстор за ракијата, виното и за маџунот, жена ми е мајсторка за слатко од тиква (‘рчели) со маџун, слатко од модри патлиџани, повторно со маџун и слатко од грозје, тиква и маџун. Заедно правиме и многу ликери со сезонско овошје и наместо шеќер, ставаме маџун. Уште еден специјалитет во нашиов крај е и раванијата која се прави со маџун, како алвата од кори мелени во машина за ореви, со маџун“, ја завршува својата приказна Ѓорѓи Наумчев.

(Репортажата  е дел од проектот  „Мобилизација на граѓанското општество за поттикнување позитивни општествени промени – МОГО ПОП“, спроведуван од Слоу Фуд Битола. Проектот е финансиски поддржан од програмата „Правна помош и поддршка за зајакнување на капацитетите за застапување и одржливост на граѓански организации“, имплементирана од Македонското здружение на млади правници, Данскиот совет за бегалци, Фондацијата за развој на локалната заедница Штип и Коалицијата Сите за правично судење, финансирана од Европската унија. Оваа репортажа е изготвена со помош на ЕУ. Содржината на репортажата е единствена одговорност на Слоу Фуд Битола и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на ЕУ)