Органското производство за нас е и начин на живот

Цветанка и Горан Колеви, се брачна двојка од Кавадарци. Таа е несудена професорка по македонски јазик и реализирана поетеса, а тој – агроном. Двајцата се занимаваат со производство на органски мед и се органски производители на наут, уров и просо. Тие се активни членови на здружението на производители на органска храна „Биовита“ од Кавадарци, а со големо задоволство зборуваат за тоа што го работат, за волшебната наутлија, и за својата љубов кон природата и традицијата.

0
1501

Горан Колев е од земјоделско семејство кое се занимавало и со пчеларство, а Цветанка е градско дете, од Прилеп. По мажењето со Горан пред 19 години, се прилагодила на начинот на живот на своето ново семејство, и не само што се прилагодила туку заедно отишле и чекор понапред или како што самата сака да каже – истовремено и чекор назад, односно, почнале да ѝ се враќаат на традицијата. Од 19 години во брак, веќе 15 се занимаваат со органско пчеларство и се сертифицирани органски производители на наут, уров и просо.

„За да добиеш сертификат како органски производител на земјоделски производи, треба да исполниш одредени услови, пред сѐ, да го напуштиш конвенционалниот начин на обработка на земјоделските култури и да ги прифатиш стандардите и нормите кои се законски пропишани во Република Македонија. Ние како земјоделски производители имаме земја која е земена од државата под концесија и таа земја е со органски сертифкат повеќе од 12 години. Се наоѓа на висорамнината Витачево, на патот кон Кожуф, кадешто е земјата богата со селен, па и овчото сирење од трите овчарски фарми што постојат таму, анализата покажала дека има високо присуство на селен. Ние на таа земја одгледуваме наут, уров и просо. Сите три култури се безглутенски и се на некој начин враќање кон традицијата која постоела кај нас во минатото за одгледување на овие култури кои, за жал, подоцна ги имало сѐ помалку.

Дека порано се садел наут зборува и приказната која сум ја слушнала од повеќе постари луѓе, а секогаш гласи отприлика вака: За време на младотурската револузија, за време на Тиквешкото востание, но и за време на многу други превирања, баба ми секогаш имаше торба со слануток (наут) обесена зад врата и три кози врзани една за друга. Секогаш кога во градот ќе имаше некоја ујдурма, узбуна или зулум, баба ми го земаше торбето, не земаше нас децата, и козите, и одевме да се скриеме во колибата на ритчето Љубаш. Торбето со слануток ни беше единствената храна. Навечер го киснеше во лимено тенџерче, а утрото го јадевме. Секој ден јадевме по една рака за да стаса за што повеќе денови. Значи, традицијата за употреба на сланутокот постоела многу одамна, само што подоцна, по Втората светска војна, со почнувањето на конвенционалното и интензивно производство, се исфрлаат овие култури кои стануваат неинтересни зашто настапува период на модернизација. Сега со органсково производство правиме чекор напред, кој е истовремено и чекор назад бидејќи се враќаме кон традицијата и кон корените“, раскажува Цветанка.

А денеска, сведоци сме дека сѐ повеќе се бара наут, oд продавниците за здрава храна, до леблебиџилниците и рестораните кои ги следат трендовите, а во тренд е вегетаријанската, но и безглутенската исхрана која е сѐ повеќе потреба на луѓето кои страдаат од болестите на модерното време.

„Последниве години се фокусиравме на земјата што ја обработуваме да имаме безглутенски мешункасти или житни растенија па покрај сланутокот имаме и уров и просо. Ние како органски производители, сме и поборници за здрав живот и за зачувување на биодиверзитетот, бидејќи природата ни враќа сѐ.

Од ставот за здрав живот и потребата за промена на конвенционалните практики кои сме ги работеле во изминатите години, сфативме дека треба да се ориентираме кон органското производство што од друга страна е и враќање кон традицијата. За нас, органското производство не е само начин на работа и заработка, туку и начин на живот, како и за многу други семејства кои го прифатиле тој начин на живот и на работа и се членови на нашето здружение кое има 31 активни членови од Тиквешијата“, вели несудената професорка која сега работи во невладиниот сектор, а нејзините активности со здружението Биовита, се фокусирани на развој на органското земјоделие, но пред сѐ, на поткревање на свеста кај луѓето.

„Сега има длабока поделба помеѓу земјоделците во однос на органското и конвенционалното, и нашата борба навистина не е лесна. На една работилница неодамна дури и ми рекоа дека сум била толку упорна што сум ги отрула другиве со моето настојување за органско производство. Замислете, не не трујат тие нас, туку јас ги трујам овие конвенционални земјоделци зборувајќи постојано за органско“, се смее Цветанка.

Тие велат дека наутот е култура која не заболува многу.

„Таа, вели Горан, „е пустинска билка, затоа и ја одбравме, бидејќи единственото од што може да заболи е пламеницата, но ако и дојде до тоа, немаш време да интервенираш. Единствено што може некој кој сака да ја одгледува на конвенционален начин, со хемија, е да ѝ стави вештачко ѓубре за да го направи зрното покрупно. Нашето семе е од село Дисан, кадешто исто така се одгледува органски наут, а секако, важно е и земјата на која е посеан да не се третира со вештачки ѓубрива. Нашата земја има природно арско ѓубре, поточно, по неа се шетаат овците и тоа е тоа. Исто и кога комбајнот го бере наутот, кога ги двои зрната, лушпата, стебленцата, сиот тој растителен материјал паѓа на земјата и го зголемува процентот на хумус како органска материја.

Практично, ние и одбираме растенија и методи кои можат да преживеат без конвенционални третмани бидејќи е тоа нашата определба. Инаку, порано го корневме, а потоа и го вршевме наутот рачно, што е многу мачна работа, но сега и нема луѓе кои би го правеле тоа, а и економски не е исплатливо. Затоа сега сѐ се прави машински. Нивата се ора со трактор, а наутот се сее со сеалка и се жнее со комбајн. Годинава, имаме 6 илјади квадрати наут што изразено како принос е околу 1 тон наут. Сега се бара наут веќе секаде и имаме пласман, но претежно се откупува на големо. Доколку некој дојде на нива, на денот на жетвата, наутот му го даваме по 1 евро за килограм и таа варијанта за нас е најдобра. Цената на наутот на пазар е 100 денари, а ние на големо го даваме и по 80, а на мало по 120-130 денари“, објаснува Горан.

Иако, според нашиот пријател Шериф Ибиши, инаку, скопски леблебиџија со долга традиција во скопската чаршија, во Македонија повеќе нема доволно наут па тие го купуваат од Турција, Цветанка и Горан велат дека тоа не е точно.

„Наут се произведува во кавадаречкиот крај, но и во штипскиот регион, како и во неготинскиот. Но тој наут е сертифициран органски наут, додека пак за конвенционалниот немам информации. Такашто, не е дека нема наут, туку или не знаат дека има или не им одговара цената, бидејќи органскиот наут е малку поскап, а трговците си имаат есап – да си купат поефтино да си продадат поскапо“, објаснува Цветанка.

Освен за одгледувањето наут, со нашите соговорници зборувавме и за уште еден феноменален традиционален производ поврзан со наутот или, како што го викаат во овој крај – сланутокот. Станува збор за погачата наутлија.

„Наутлија се прави од природен квасец зашто наутот има особини на природен квасец, Ова си бара голема вештина и уште поголемо трпение. Ако ја совладаш вештината да направиш наутлија, тогаш тоа те прави поголема домаќинка, а јас, како прилепчанка дадов се од себе и „положив“ кај кавадарчанките.

Цветанка и Горан Колеви

Самиот процес на подготвување наутлија е посебен ритуал, со речиси спиритуални моменти. Се меси обично пред големи празници, и иако нема правила, сепак, во зима е потешко и треба да се одвои повеќе време затоа што за квасецот е важно да има континуирана топлина. Се смета дека дента кога ја правиш наутлијата, треба да ти е мирна душата, да ти е мирна мислата. Исто така, се верува дека ако почнеш да правиш наутлија, попаметно е никому да не кажуваш за да не ти ја урочи погачата, а ако раскажеш, треба да внимаваш на кого кажуваш, или пак, не дај боже да ти влезе некоја комшивка и да ти рече: леле, правиш наутлија…тогаш сигурно нема да стаса и да ти успее.

Но има и друга варијанта, а тоа е, во договор со некоја жена која ти е блиска, да направиш маја за двете. Единствен услов е, таа за кого ја правиш мајата да не те прашува до каде е, туку трпеливо да си чека. Ако те праша, отиде, пак нема да стаса како што треба“, се смее Цветанка.

Инаку, правењето наутлија си има посебен ритуал, а ние, благодарение на прилепчанката која „положила“ на оваа тема кај кавадарчанки од кои и научила како се прави, го научивме од „А до Ш“.

„Откако ќе се истолчи малку наут, 1 лажица дробен наут размешуваш со 3 лажици брашно, ставаш малку шеќер, малку сол и сув босилек, за мирис. Ова се става во тегла и се залева со не многу жешка вода (две третини од теглата) и таа смеса треба постојано да биде на топло.Така треба да стои најмалку 6 часа, но понекогаш требаат и повеќе од 10 часа. Имено, наутот е чудно растение, памти од претходно каде бил, има меморија на чување и ако е чуван на ладно место, ќе му треба повеќе саати за да нарасне. Го правам тоа и сум зебележала дека на наут кој е чуван на ладно му се потребни дури и 14 часа за да стаса, да нарасне за да можам да го замесам со брашното и да направам погача. Иако многумина сметаат дека е ова нешто за што денеска веќе никој нема време, за мене е нешто што се прави со многу љубов. Наутлијата е волшепство, магија. А кога домот ќе замириса на наутлија, ти мириса на семејство, на традицијата која ја враќаме назад. Во Ваташа со часови сум зборувала за наутлијата со постари жени, кои ми покажаа како се прави, но и за сите верувања и суевериа поврзани со неа. Сепак, мојата прва наутлија не ми успеа зашто не ја исчекав доволно. Ми рекоа дека треба да поминат 12 часа и дека кога ќе ја ставам теглата на уво, таа треба да ми зборува, да ми шушти. Мене ми се причини како да ми шушти, ама не шуштело, па така не ја исчекав доволно и не ми успеа. Како и да е, ако го дочекате „зборувањето“ на теглата, смесата која стасала треба да ја замесите со килограм брашно во кој исто така се става прстофат сол и шеќер. Тестото се замесува на меко, да биде полулепливо. Со помош на зејтин се формираат топчиња и се редат во тепсија. Тие пак треба да стојат 2 часа на топло, па дури потоа се пече 20 минути на 200, па уште 20 на 150“, ни објаснува Цветанка.

Иако на нивните синови, тинејџери, наутот не им е многу привлечен за јадење, тие двајца го имаат често на менито.

„Наутот е жива материја, се кисне навечер и ако потоа го јадеш така, само накиснат, тој е извор на чист витамин Е. Наутот се користи и за изработка на разни намази, паштети, хумус, но грешката на многумина при правењето хумус е што го варат. Најдобар е кога само е го накиснете преку ноќ, а потоа ќе го изблендирате и веднаш може да се мачка на леб. Ние го правиме во сите варијанти, а знам некои повозрасни жени кои тој киснат наут го ставаат на плотна на шпорет на дрва и така го потпекуваат и го јадат“, вели таа.

Иако поголемиот дел од времето Цветанка се занимава со промовирање и практикување на органско производство, тоа не е сѐ. Пред 6-7 години, во издание на „Или-Или“, таа ја издала својата книга поезија со наслов „Ладно кафе“, а пишува и нови. Исто така, таа е дел од движењето Slem poetry (Слем поезија е натпревар на кој поетите читаат или рецитираат свое оригинално дело). Со голем жар се занимава и со пчеларството за кое вели дека направило од неа подобра личност и подобра жена и ѝ го подобрило квалитетот на животот.

„Имаме мирни пчелни семејства, позитивни се, ама и тие се како луѓето, а нели секој има право на лош ден, па зошто да немаат и пчелите“, завршува Цветанка одговарајќи ни на прашањето дали некогаш ја каснала пчела.

Во меѓувреме, добивме од неа ветување дека на некоја следна средба, иако откако е на безглутенска исхрана, тоа го прави поретко, ќе направи и наутлија. Ја држиме за збор, а во меѓувреме грицкаме од леблебијата на господин Шериф чиј татко, дедо и прадедо биле леблебиџии во старата скопска чаршија.

„Татко ми Абдулсета, дедото Демир и прадедо ми Шериф Ибиши се познати леблебиџии. Прадедо ми биле четворица браќа и сите се занимавале со ова, дедо ми бил еден и самиот се занимавал со овој занает, татко ми се тројца браќа и сите се леблебиџии. Во чаршија сега е уште чичко ми, а јас сум тука, во Буњаковец. На нашите деца, за жал, не им се работи оваа работа па не сум сигурен дека ќе има кој да ја наследи од нас“, вели господин Шериф.

Шериф Ибиши

Сепак, тој е сѐ уште млад, работоспособен и со планови на оваа тема.

„Со чичко ми зборувавме да набавиме нови машини од Турција за печење леблебии и да почнеме со работилници.

Зашто печењето леблебии е занает, цел процес кој се состои од прво печење на наутот во големи казани со машинка, во кој наутот се врти и се пече.Потоа одлежува во вреќи и се чува во нив речиси 1 месец. Следува второ печење на ист начин и уште еднаш одлежува, а на третото печење се попрскува со вода од вечер, се става во вреќи, и следниот ден се спрема леблебијата. Во бакарниот казан, сега веќе не со перка туку со дрвени трупци споени со машината на струја, има мотор, леблебијата се става на казанот, трупецот над леблебијата, машината го врти и лушпата излегува. Мајсторот мора да е тука и да внимава на целиот процес.

Всушност, сето ова мојот дедо го работел рачно, а татко ми со овие машини, на струја. Но денеска има сосема нови машини од росфрај па се надевам дека ќе успееме да донесеме такви и да го продолжиме занаетот, а со работилниците – да не дозволиме тој да замре“, вели нашиот соговорник.

А ние веќе имаме следна мисија – да го поврземе Шериф со Цветанка и Горан и наместо од Турција, наутот за своите леблебии кои повторно ќе ги прави кога ќе стасаат машините,  да биде и наш, и органски, исто како што се бадемите, лешниците и семките од кајсија во неговиот дуќан во Буњаковец.

 

(Репортажата  е дел од проектот  „Мобилизација на граѓанското општество за поттикнување позитивни општествени промени – МОГО ПОП“, спроведуван од Слоу Фуд Битола. Проектот е финансиски поддржан од програмата „Правна помош и поддршка за зајакнување на капацитетите за застапување и одржливост на граѓански организации“, имплементирана од Македонското здружение на млади правници, Данскиот совет за бегалци, Фондацијата за развој на локалната заедница Штип и Коалицијата Сите за правично судење, финансирана од Европската унија. Оваа репортажа е изготвена со помош на ЕУ. Содржината на репортажата е единствена одговорност на Слоу Фуд Битола и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на ЕУ)