Денеска, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје во рамки на украинското кафе-утро во организација на здружението „Добредојде“ Macedonia Welcome Centre и Украинската амбасада во Скопје, беа изложени дела од уметницата Галина Назаренко, но и гастрономските креации на Марјан Велковски и неговата сопруга, Украинката Камила.
Велковски е по професија готвач кој ја има украинската кујна во „малиот прст“, благодарение на неговата сопруга, Украинката Камила. Тие двајца се запознале пред повеќе од две децении кога Марјан бил на работен престој во Киев, ангажиран преку градежната фирма „Маврово“.
Таму се родила љубов и Украинката Камила се доселила во Скопје. Во брак се 23 години и имаат две ќерки, едната е студентка на ФИНКИ, а помалата, на Машински факултет. Е токму таа, помалата, вели Марјан, е голем кулинар па заедно со мајка ѝ, ги подготвувала и сите слатки украински деликатеси кои имавме можностда ги пробаме во рамките на настанот во „Холидеј ин“.
Марјан ни раскажа за украинските специјалитети во чиј вкус и сами се уверивме.
„Она што е најкарактеристично за украинската кујна се пирошките. Дел од нив се полнети со џигер, а дел со јајца и млад кромид. Исто така, многу често Украинците, а и ние дома правиме боршч. Сите го сакаме и е често дел од нашата домашна трпеза. Незнам како го прават Русите, но јас го правам по украински, онака како што ме научи сопругата: со грав, морков, кромид, домати и, се разбира, со цвекло и зелка. Боршчот е нешто слично на италијанското минестроне, со тоа што таму нема цвекло и грав.
За оваа пригода направивме и Бужелина, шпикувано месо морков и лукче и ролат со месо.
Направивме и Киевски котлет. Тоа е пилешко месо, но по оригиналниот рецепт од една кокошка можат да се направат само две парчиња затоа што за секое парче како дршка треба да имаме коска од дел од крилото. Во случајов не ги направивме така, зашто ни требаше поголема количина. Инаку, киевските котлети се полнети со путер, магдонос и копар, кој често се употребува во украинската кујна“, ни објасни Марјан.
Освен овие специјалитети, Марјан не запозна и со украинскиот „наркотик“, како што ја викаат домашната сланина која има одличен вус, особено во комбинација со украинскиот р’жан леб и сосот од рен.
„Сланината за која станува збор се прави всушност од свинско сало кое добро се посолува со крупна сол и се замрзнува. Неки ставаат и црн пипер и ваквата сланина има навистина посебен вкус“, вели шеф Велковски.
Од благите деликатеси, неговата сопруга, за оваа пригода ги подготвила таканаречените Вареники. Станува збор за вкусно тесто полнето со вишни, кое облик на тортелини и е навистина вкусно и, благодарение на филот од вишни, иако тесто, е доста освежително и лесно.
Останува некогаш, во некоја следна пригода да го пробаме и боршчот.