Што правите со искористеното масло?

Сите знаеме дека употребеното масло никако не би требало да го истураме во одводите или во тоалетната шолја. А што да правиме со него?

0
539

Некои често јадат пржена храна, други ретко или речиси никогаш, но дури и еднаш да испржите нешто, останува проблемот со искористеното масло. По пржењето на храна во длабоко масло, за жал, многу луѓе сѐ уште искористеното масло го истураат во садопер или во тоалетна шолја што е голема грешка, ако не за друго, тогаш затоа што и сосема мали количини масло во одводите можат да направат големи проблеми.

Маслото со време може да ги затне цевките што доведува до небезбедни услови за живот, како и до скапи поправки. Употребеното масло исто така, не може да се користи за компост затоа што може да привлече штетници и да ја извлече влажноста.

Што да се прави со искористеното масло?

  1. Употребете го повторно. Сѐ додека маслото не ужегне можете да го употребите уште неколку пати. Откако целосно ќе се олади, процедете го за да се отстранат сите остатоци од храната што сте ја пржеле и чувајте го добро затворено во тегличка на суво и ладно место. Ако е ужегнато или пак почне да се пени, не го употребувајте повторно.
  2. Рециклирајте. Кај нас со собирање и рециклирање на искористеното масло од домаќинствата се занимава компанијата Суниленс. Обратете им се и побарајте да ви достават на домашна адреса пластична кантичка која откако ќе ја наполните, ќе ги повикате да ја земат. Повеќе за ова прочитајте ТУКА.
  3. Фрлете го. Ако во вашиот град нема фирма која се занимава со собирање и рециклирање на искористеното масло, тогаш мора да го фрлите, но одберете го правилниот начин. Ставете го во едно шише или тегла, добро затворете го со капак и фрлете го во контејнер.

До некои подобри времиња, ова се единствените начини.

Фото: Pixabey