Седумнаесетгодишниот Иван Мицков е добитник на две награди во поединечно натпреварување за јуниори, на Меѓународниот кулинарски натпревар „Бисер мора“ кој 14 години по ред се одржува во Супетар, на Брач и од кој големите шефови и негови ментори, Мајновски, Симоновски и Андонов, се вратија со златни медали.
Иван пак, освоил еден сребрен и еден бронзен медал во натпреварот за јуниори.
„Се вратив од Брач деновиве, а идејата да се пријавам на натпреварот за јуниори не беше моја, туку на мојот ментор, шеф Зоран Мајновски од ресторан „Естел“ и на професорката Василка Стефановска.
На натпреварот отидов со шеф Бобан Симоновски, шеф Дејан Карапеев, шеф Зоран Андонов и секако, со мојот ментор – шеф Зоран Мајновски кои се членови на македонската асоцијација на готвачи М.М.Ц.Ц.
Инаку, се натпреварував во 2 категории, и тоа, во категоријата риба за која земав сребрен медал (второ место) и во категоријата јагнешко, за која земав бронзен медал (трето место). На натпреварот готвев јагнешко и риба на три начини, со три техники на готвење на една чинија. Ова е еден постар метод со кој се обидуваш да покажеш што е можно повеќе техники на готвење на чинијата“, објаснува Иван.
Тој е воодушевен од настанот, а најмногу му се допаднало тоа што се сретнал со многу различни култури од светот и што имал шанса да види и да проба дел од нивните традиционални специјалитети.
„Имав можност да прошетам по островот, но и по поголем дел од Хрватска и пробав неколку нивни јадења (кроштули, фритули, бакалар на далматински начин…). Најголем впечаток таму ми оставија моите ментори и францускиот професор Рене Ван Севенант кој воедно беше и судија. Тие ме потсетија дека секогаш треба напорно да работам и секогаш да бидам расположен за нови идеи, знаења, совети и, секако, за критики“, вели Иван.
За својата определба да се запише во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ и да стане готвач, вели дека е заслужно неговото семејство. Не затоа што некој во семејството веќе се занимавал професионално со кулинарство, напротив, тој е првиот кој ќе го прави тоа, туку затоа што ја забележале неговата желба за готвење и талентот, и го поттикнале на овој чекор.
Готвењето почнало да го интересира уште од 11-12.годишна возраст, кога почнал да се плетка во кујната и да ѝ помага во готвењето на мајка си.
„Од мал сакав да готвам и да ѝ помагам на мајка ми во кујната, а сите тие бои и вкусови кои беа присутни во кујната кога се готвеше нешто, беа пресудни за да се запишам таму. Инаку, во мојата фамилија никој досега не се занимавал професионално со готвење, но ете, јас решив да бидам прв. Ама изгледа дека повлеков нога, па по истиот пат тргна и мојот една година помлад брат, кој е сега втора година“, вели Иван кој е секогаш тука за да го советува и да му помага да научи што повеќе. Се разбира, на сметка на тоа што е помлад „цела“ година, нему му се паѓа средувањето на кујната после готвењето.
„Па помал е, да се намачи малку треба, нели?“, се смее Иван.
Наспроти двајцата синови-готвачи, таткото на семејството не е по готвењето, освен, се разбира, кога станува збор за скара. Тогаш, вели Иван, не дозволува никој друг да го подготви месото.
И таткото и мајката се горди на синовите и ги поддржуваат во нивните планови и амбиции, а тие се среќни кога некој од нив ќе им зготви нешто за ручек или за вечера. И не пребираат, за разлика од Иван кога бил мал.
„Како мал нон-стоп одбивав да јадам кога мајка ми ќе зготвеше нешто, особено ако имаше за јадење некој вид на зеленчук, пред сѐ, кромид и пиперка. Воопшто не ги сакав. Денеска немам никаков проблем и не сум повеќе пребирлив во смисол да одбивам да јадам или барем да пробам нешто, па дури и ако се тоа кромид и пиперки. Сфатив дека токму тие им даваат одличен вкус на јадењата“, вели Иван.
Тој е член и на третата генерација на кулинари.мк – проект за социјално претприемништво на здружението за социјални иновации „АРНО“.
„Чест ми е што сум дел од таков проект кој има за цел да им помогне на децата-готвачи од С.У.Г.С „Лазар Танев“, вели Иван.
Нему неодамна му почнал и работниот ангажман во скопскиот ресторан „Форца“.
Има многу желби и планови за во иднина, но пред сѐ, подготвен е да работи што е можно понапорно, да стекне поголемо искуство и да се надградува на професионално ниво.
„Сѐ друго ќе си дојде само по себе“, мудрува 17-годишниот Иван кој, како и сите негови врсници, има и други интереси освен готвењето. На пример, девојчињата.
„Во денешно време, да се биде готвач е еден голем плус, бидејќи девојчињата го обожаваат тоа“, тврди овој мал-голем шеф.