Сашо Стојчески: македонскиот трагач по тартуфи

Веројатно приказната почнала онака како и секоја друга транзициска македонска приказна. Нашиот соговорник работел во фирма за трговија која со приватизацијата се затворила. Потоа почнала приказната со тартуфите: купил куче од расата „лагото ромањоло“, кое е неприкосновен барател на скапоцените тартуфи уште од 19.век. А потоа купил и еден тартуф...

0
1919

Иако не може да се пофали со некој убав изглед, напротив, неугледен е и со боја на земја, тартуфот е поскап и од злато. Станува збор за подземна печурка со, за некого прекрасен, а за некого неподнослив или барем прилично непријатен мирис. По тартуфите трагаат специјално обучени кучиња, во Русија – дресирани мечки, а во Сицилија – кози. Трагачите по тартуфи се откажале од дивите свињи, затоа што тие, откако ќе ги најдат тартуфите, ненаситно самите ги јадат.

Вистински експерт за наоѓање, поточно, за намирисување тартуфи е кучето од расата „лагото ромањоло“. Тоа ја добило титулата на неприкосновен барател на тартуфи во 19 век, и останало тоа до денес. Сопственик на едно вакво, пред сѐ, интелигентно и убаво куче, е нашиот соговорник, тетовчанецот Сашо Стојчески. Неговиот верен придружник е Лео (Бруно).

„За тартуфите се заинтересирав бидејќи се ретка, квалитетна и скапа печурка која расте под земја и може да се најде исклучиво со помош на ‘лагото ромањоло’, поради нејзиниот јак и специфичен мирис.

Така почна сѐ. Го купив кучето од Србија бидејќи тогаш во Македонија немаше кучиња од таа раса, купив тартуф и сам го истренирав да наоѓа тартуфи. Ете така почнавме јас и Лео (Бруно).

Првиот тартуф што го пронајдов беше црн – Tuber mesentericum, и тоа беше голем успех за мене, а по две години најдов и бел – Tuber Magnatum Pico кој е најквалитетен и најскап“, раскажува Стојчески.

Според него, Македонија има тартуфи, а ова го докажува и тоа што, како што вели, во последно време има сѐ повеќе заинтересирани за нивното пронаоѓање.

„Сите ние соработуваме меѓусебно, имаме групи на фејсбук, но сѐ уште немаме здружение кое мислам дека во иднина и ќе го формираме.

Инаку, тартуфите во Македонија ги има и на повисоки и на пониски места. Јас досега сум ги нашол речиси сите видови и сум ги дал на испитување на Природно-математичкиот факултет. Таму соработувам со професорите на кои им е специјализирана дејност „Габи во Македонија“ и досега имаме многу добра соработка“, вели Стојчески.

Во семејството најчесто му помага неговата сопруга, а нивните две деца кои се возрасни луѓе, многу поретко, бидејќи се занимаваат со други професии.

Што се однесува до цената, таа зависи од видот на тартуфот, а и од моменталната побарувачка.

„Црниот тартуф може да се движи од 100 до 200 евра, а белиот достигнува цена од 1500 до 2000 евра за килограм, но сето тоа зависи од сезоната“.

Сепак, купувачи има и во Македонија.

„Во Македонија најмногу ми го бараат ресторани и хотели, но исто така има заинтересирани и во странство бидејќи таму е доста поскап. Го земаат и индивидуално, но многу поретко. Тартуфот е многу квалитетен, изобилува со многу амино-киселини кои се одлични за имунитетот, па некои го бараат токму за таа намена“, објаснува Стојчески.

Разбирливо и очекувано за некој кој постојано има тартуфи на залиха, семејството Стојчески често го имаат тартуфот на семејното мени.

Најчесто со домашните ги јадат тартуфите во омлет или со некоја тестенина, со јадења од месо, изрендан одозгора, како и измешан со мед (како посебен производ). Имено, во соработка со медар кој ги одгледува пчелите под Шар планина, од кој Сашо го зема медот за кој вели дека е природен и квалитетен производ, прави една необична комбинација – мед со тартуфи кој засега може да се купи само кај него. Исто така, тој сака да експериментира па прави и маслиново масло со тартуфи, како и путер со тартуфи, но овие производи, засега, ги прави само за лична употреба.

На прашањето дали од ова може да се егзистира, искрено одговара:

„Мислам дека не може, освен ако не се посветите на одгледување на садници кои се заразени со тартуфи, но тоа е доста долг процес, а и ризичен.

Всушност, станува збор за  плантажно одгледување на тартуфи кое се смета за добар бизнис од кој може многу да се заработи.

Стојчески вели дека тој им бил најголема инспирација за барање на тартуфи на помладите тартуфари и се труди да ги упати колку што може, и во тартуфарството, и во дресурата на кучињата.

„Кога јас почнав немав од кого да учам па ми беше доста тешко“, признава Сашо.

Сега тој и Лео (Бруно) се добро уигран тим, а благодарение на долговечноста на расата „лагото ромањоло“, ги чекаат уште многу тартуфи и уште многу заеднички патешествија.