Има ли нешто поубаво за сите сетила во овој период од годината, од Павловата торта?
Па уште ако ја аранжирате со чоколадирани јагоди како што тоа го направила со својата роденденска Павлова торта госпоѓа Снежана Михајловиќ, навистина нема ништо поубаво.
За тоа најдобро сведочи и една од пријателките на госпоѓа Снежана, Зорица Блажевска, која ни ја испрати оваа фотографија.
Нежна, поетична и помалку нереална, вака критичарите ширум светот ја опишуваат оваа торта.
Состојки:
3 белки
150 г шеќер
2 лажички пченкарно брашно
1 лажичка бел вински оцет
½ лажичка екстракт од ванила
200 мл. слатка павлака
300 г свежи јагоди
Приготвување:
Загрејте ја рерната на 150 степени. Ставете хартија за печење во калапот за печење.
Во сад измешајте ¾ од шеќерот и пченкарното брашно додека не добиете хомогена смеса.
Во друг сад матете ги трите белки околу 2-3 минути (јајцата претходно треба да стојат на собна температура). Потоа во три наврати додавајте од преостанатата количина на шеќер, со тоа што по секое додавање ќе матите сѐ додека не се растопи шеќерот.
Во смесата додадете го екстрактот од ванила и винскиот оцет и повторно матете додека не добиете компактна смеса.
Распоредете ја смесата во калапот за печење служејќи се со лажица или со шпатула. Направете блага вдлабнатина на средината.
Намалете ја температурата на 140 степени и печете околу 1 час. Потоа, отворете ја рерната до пола и оставете ја така уште 10-15 минути. Откако ќе отстои во подотворена рерна, извадете ја и оставете ја да се излади.
Додека кората се лади, подгответе ја слатката павлака и потоа намачкајте ја одозгора, а врз неа наредете ги јагодите, кои по желба може да бидат сечкани или цели.