Сите знаеме дека начинот на кој се храниме влијае врз нашето здравје. Помалку очигледно е дека нашата исхрана влијае и врз здравјето на планетата.
Се проценува дека производството на храна има до 30 отсто удел во емисиите на стакленичките гасови во светот додека за земјоделие користиме околу 40 отсто од вкупната површина на Земјата. Значи, што би требало да јадеме за да си го одржиме своето, но и здравјето на планетата?
Одбор од 37 научници од 16 земји, на чело со професорот д-р Валтер Вилет кој на Харвард предава јавно здравје, кој ова прашање го проучува веќе со години, неодамна во Lancet објавил извештај за своите наоди.
Во извештајот насловен „Храна во антропоцен: комисија за здрава исхрана која доаѓа од одржливи прехранбени системи на EAT-Lancet“ се вели дека научниците не мислат дека би требало да продолжиме да го јадеме она што го јадеме денеска. Моментално, нездравата исхрана предизвикува повеќе смртни случаи од алкохолот, дрогата, пушењето и небезбедниот секс заедно.
Освен тоа, модерното земјоделие генерално повеќе се темели на профит отколку на одржливост. Заради сето тоа итно е потребна глобална трансформација на прехранбениот систем.
Би ни требал радикален исчекор, она што научниците го нарекуваат голема прехранбена трансформација – отстапување од преработената храна и црвеното месо и вртење кон растителна исхрана, но не кон чисто вегетаријанство, туку кон исхрана која ѝ одговара на медитеранската.
„Планетарната здравствена исхрана“, како што ја нарекол тимот на д-р Вилет, прилично е едноставна: вклучува повеќе целовити житарки, помалку скроб и шеќер. Дневните калории главно доаѓаат од ориз, пченица и пченка, незаситени масла како маслиновото, млеко, но во мали количини, потоа многу овошје и зеленчук, но многу малку компири – само четвртина од еден средно голем компир дневно.
Иако диетата не исклучува ниту еден вид на месо, се препорачуваат пилешко и риба наместо црвено месо. Дозволено е и малку шеќер, односно, 120 калории дневно кои потекнуваат од сладила.
Научниците тврдат дека таквата исхрана би можела да ги ублажи прашањата на одржливост поврзани со земјоделието, вклучувајќи ги климатските промени, колапсот на биоразновидноста и потрошувачката на вода; за разлика од сегашниот модел, може да ги задоволи и потребите на растечкото светско население, и да поддржат и глобална популација од 10 милијарди луѓе.
Од критичарите, меѓу останатите, се слуша како ваквиот начин на исхрана не е можен секаде во светот, како и дека е можеби „скроен“ под влијание на тоа што го финансирала многу богата личност ангажирана на заштита на правата на животните. Но сите се сложуваат дека сегашниот налин на кој произведуваме и консумираме храна не е добар за никого.
Фото: Pixabey