Што треба да се јаде после хемотерапија, а што да се избегнува?

Јогуртот може да ја ублажи мачнината, но и да ги зачува коските и мускулите во текот на лекувањето со хемотерапија. Но никако не треба да се консумираат непастеризирано млеко и млечни производи, како и сирење со мувла, козјо и фета сирење.

0
1105

За време на лекувањето со хемотерапија онколошките пациенти треба да водат здрав живот кој вклучува умерена физичка активност и здрава исхрана.

Токму за таа цел, деновиве во Хрватска беше промовиран првиот специјализиран онлајн проект „nijeFRKA.hr“ кој првпат на едно место ќе ги обедини сите релевантни и научно втемелени информации врзани за исхраната на онколошките пациенти и на тој начин ќе им помогне во подобрувањето на секојдневните прехранбени навики.

Бидејќи хемотерапијата ги убива клетките на ракот, таа може да ги оштети и здравите клетки, а тоа може да предизвика и одредени проблеми во исхраната.

После само една хемотерапија можат да се појават несакани дејства, како мачнина, губење на апетит, промена на сетилата за вкус и за мирис, констипација или диареја, болни оштетувања на усната празнина, грлотo и отежнато голтање, повраќање, губење на телесната тежина или дебелеење.

Исхраната на овие болни често се разликува од исхраната на здравите лица, затоа што тогаш може да дојде до зголемување на потребата за протеини или дополнителни калории. Од друга страна, ако после хемотерапијата се појавиле ранички во устата, храната треба да биде течна или во вид на пире и сосови.

Внесувајте доволно влакнеста храна, витамини и калории воопшто, затоа што само така ќе ја зачувате виталноста на организмот и во текот на лекувањето, а ќе му помогнете и на оштетеното ткиво побрзо да се регенерира.

По примената хемотерапија најдобро е да се јадат помали оброци кои лесно се варат. На пример, може да се јаде пилешко, ориз, печени компири, банани или јаболка.

Добар избор е и рибата, особено туна и лосос затоа што се богати со омега-3 масни киселини и витамин Д, па ќе ви помогнат да го зајакнете ослабениот имунитет.

Зеленчукот треба добро да се измие, дури и она со дебела кора треба убаво да се измие и пред и после лупењето.

Зеленчукот треба да се обари, освен морковите кои може да се јадат и свежи. Авокадото е добар избор, затоа што е хранливо, а лесно се вари.

Јогуртот може да ја ублажи мачнината, но и да ги зачува коските и мускулите во текот на лекувањето.

Од друга страна, ако во текот на лекувањето се појави нетолеранција на лактоза, треба да се користи јогурт без лактоза.

Јадете 5-6 помали оброци, наместо 3 обилни.

Во исхраната после хемотерапијата вклучете ги брокулите, кромидот и лукот, доволно протеини (јајца, пилешко, мисиркино, јунешко).

Внесувајте намирници богати со селен, како што се житарките, индиските и бразилските ореви. Овошјето богато со витамин Ц е добар антиоксиданс. Тоа се дињите, мангото, киви и портокали. Добро е да се јаде и овошје богато со витамин А, како и банани кои се добар антиоксиданс.

Само здравата исхрана не може да биде гарант дека болеста нема да се врати, но сигурно ќе ви ги врати силата, виталноста и енергијата.

Обично, после терапијата, престануваат проблемите со исхраната, освен во случаи на терапија на главата или вратот и ако ви се отстранети делови од желудникот или цревата. Тогаш мора да се прилагодите на посебен режим на исхрана во текот на целиот живот.

Јадете мешунки, како грашок и грав, колку што може почесто. Од овошје, јадете зрнесто овоје, грозје и сок од грозје и јаткасти плодови. Зелка, брокули, карфиол и прокељ треба да се јадат секојдневно, како и зелен лиснат зеленчук (спанаќ, кељ, зелје, зелена салата)

Лук, домати и печурки исто така можете да јадете често.

Внесувајте сложени јаглени хидрати кои ќе ги најдете во цереалиите, интегралниот ориз и житарките. Овие намирници ќе ве заситат, но и ќе обезбедат влакна, витамини и минерали.

Избегнувајте шеќер, вештачки засладувачи, бел леб, многу сол и зачини.

Од месо, добар избор е живинското месо, бидејќи 200 г од ова месо ќе ви ја обезбедат потребната количина протеини. Месото варете го, печете го или сварете го на пареа. Избегнувајте чадени меса и брза храна.

Консумирајте млечни производи со помал процент на млечна маст и пијте доста течности- 3 литри на ден. Освен вода, пијте свежо цедени сокови од овошје и зеленчук и бистра пилешка супа. Избегнувајте напитоци со шеќер.

Некои луѓе во текот на лекувањето со хемотерапијата и во текот на опоравувањето после хемотераоијата, најголем апетит имаат наутро. Ако е тоа случај и со вас, слободно земете обилен оброк наутро, а во текот на денот неколку течни или полесни оброци. Ако можете, почнете го денот со смути.

Исхраната во вид на милк-шејк од банани се добри за оние кои немаат апетит после хемотерапијата.

Една зрела банана, прелијте со чаша млеко и додадете две капки екстракт од ванила, па измешајте во блендер. Можете да додадете и рака или две боровинки или јаткасто овошје. Млекото можете да го замените со јогурт или со некое растително млеко.

Одлично е и смути од лубеница и краставица.

Ставете во блендер 500 г лубеница, 250 г излупени краставици, 100 г целер и лажица сок од лимон и добро измешајте. По желба додадете ливчиња мента или ленено семе.

Следната варијанта за смути е она со зелен чај. Потребно е пола шолја замрзнати боровинки, пола шолја замрзнати јагоди и пола шолја незаблажен зелен чај и ставете во блендерот и додадете малку помалку од шолја нискокалоричен јогурт и 2 лажици мелено семе, па блендирајте дваесетина секунди.

Што треба да избегнувате?

После хемотерапијата избегнувајте месни преработки, паштети, кренвишли, салами, како и готови јадења. Не би требало да јадете овошје и зеленчук кое е тешко да се измие (на пример, малини), за да се избегнат инфекции.

Овошјето и зеленчукот задолжително измијте ги пред употреба. Никако не јадете пресни меса, суши или живи јајца.

Не користете алкохол и непастеризирано млеко и млечни производи, ниту пак производи со мувла, па дури ни сирење со мувла, но и козјо и фета сирење.

Белото брашно и шеќер заменете ги со интегрално и со овошје, а газираните и другите индустриски сокови со свежо цедени сокови од овошје и зеленчук.

И физичката активност ќе се одрази поволно на вашето здравје.

Фото: Pixabey