Месење и сукање под „диригентското сукало“ на шеф Маре

Следно на менито на „Часови за готвење слоу фуд“ е часот „Месеници од тефтерот на баба“ кој ќе се одржи во сабота (09. 02.) во 15 часот во средното угостителско училиште „Лазар Танев“.

0
352

Во сабота (09.02.) продолжува проектот на Здружението за социјални иновации „АРНО“, здружението „Слоу фуд Водно“ и СУГС „Лазар Танев“ кои ви нудат нова тура од 5  часови за готвење со шеф Маре Јаневска.

На менито на „Часови за готвење слоу фуд“ е часот „Месеници од тефтерот на баба“ кој ќе се одржи на истото место, односно, во кујната на средното угостителско училиште „Лазар Танев“.

На овие часови заинтересираните ќе можат да ги совладаат вештините за месење  и сукање, да направат пита со сирење, да подготват домашни пита лепчиња и да испечат свој колач со јаболка.

Иницијативата стартуваше на 8.декември токму со шеф Маре Јаневска и часовите за готвење на тема: Сирење на трпезата.

Потоа следуваа часовите со шеф Бобан Симоновски на тема: Тркалото на сезоните, а после овој – Месениците од тефтерот на баба,следуваат и часови со шеф Зоран Мајновски на тема: Протеински растенија и со шеф Дејан Карапеев на тема: Риби од нашите води.

На сите часови учениците-готвачи од СУГС „Лазар Танев“ ќе бидат во улога на ваши асистенти и ќе бидат тука во секој момент за поддршка и помош.

На часот можат да присуствуваат максимум 10 учесници.

Со секој купен ваучер по цена од 1.200 денари, учесниците добиваат: намирници потребни за подготовка на јадењата, 90 минути исполнети со дружење и забава, инструкции од искусни гастро-шефови, помош од учениците-готвачи и секако, можност да го споделат или понесат со себе јадењето кое сами го приготвиле.