Булгурот е една од најздравите житарки, а со него можат да се прават различни комбинации. Поради неговите нутритивни вредности треба почесто да се најде на вашето мени.
Во 100 г булгур има 342 калории, од кои 76 проценти јагленохидрати, 12.3 проценти протеини и само 1.3 проценти масти. Има многу витамини и минерали, како на пример, калциум, железо, магнезиум, цинк, тиамин, ниацин, рибофлавин, пантонска киселина, витамин B6.
Поради ова булгурот се препорачува за сите оние кои имаат брзо темпо на живеење, но и за децата, спортистите и повозрасните луѓе.
Консумирањето на булгурот придонесува за намалување на вкупниот холестерол, ЛДЛ холестерол, триглицеридите и нивото на инсулин со што се намалува ризикот од срцеви заболувања. Се препорачува за време на диети поради карбохидратите и диететските влакна кои исто така помагаат во борбата против ракот, дијабетесот и болестите на срцето.
Ако го спредиме со интегралниот ориз, булгурот има двојно помалку калории и двојно повеќе диететски влакна. Се препорачува на жени во менопауза, го подобрува варењето на храната, а особено е полезен за оние кои внимаваат на линијата. Секојдневното консумирање булгур во различни јадења, освен што ќе го чува вашето здравје, ќе ви помогне да имате и рамен стомак.
Подготвени сте за плескавици од булгур?
Состојки:
Во зависност од тоа колку ќофтиња сакате, ќе ги прилагодите и состојките. Ние направивме еден куп.
500 г булгур за ќофтиња
50 г брашно од спелта или интегрално брашно (или некое друго)
1 кромид
2 јајца
1 рендан морков
сол, црн пипер, вегета, црвен пипер
свеж магдонос или ливчиња од целер
4 лажици маслиново масло
Приготвување:
Ставете го булгурот во зовриена вода и нека отстои најмалку 20 минути или додека не ја впие течноста.
Потоа во голема тава ставете ги набабрениот булгур, сечкан кромид, рендан морков, две јајца, зачини, сечкан свеж магдонос или целер, маслиново масло и брашно.
Обликувајте ќофтиња и наредете ги врз хартија за печење во една тепсија и ставете ги во загреана рерна да се печат половина час.
Уживајте!