Кога е некој толку голем гурман што секогаш јаде со мерак и со часови, сака да испробува нови и необични вкусови, туѓи и свои специјалитети и никогаш не вели „не“, тогаш му е важно и со што јаде и од што јаде, важен му е изгледот на храната, но и на чинијата, на приборот за јадење, на ножето со кое си мачка путер на обично препечено лепче на тостер.
Ете вака некако би го опишале и човекот кој од задоволство, само за себе и за своите најблиски, изработува преубави дрвени ножеви. Се разбира, со нив не можете да сечете кременадли, но се фантастични за мачкање на леб, за сечење тесто, кога на пример правите кифлички, за да го преполовите колачот и да го споделите со некого, и така натаму.
Ножевите се изработени од парчиња дрво одбрани од кубикот наменет за греење во постудените зимски денови, имаат преубав дизајн, природни се, еколошки и здравствено безбедни, безбедни за употреба и од страна на децата на кои можете да им ги дадете слободно во рака за да се чувствуваат големи, долготрајни се и совршени во својата единствена несовршеност.
А какво е чувството да се појадува и да се мачка путер на потпечено лепче со помош на нож изработен рачно, од обично парче дрво, со многу трпение, креативност и љубов? Чувството е мераклиско, а вкусното уште повкусно!