3 зелени идеи: Пире, мазало или сос од грашок

Против пролетен замор, кога сте на диета или пак страдате од некоја срцева болест, грашокот е одличен избор, а варијантите се навистина бројни

0
519

На времето чистењето на млад грашок за да се спреми за во замрзнувач беше можност за семејна дружба, слично како и онаа кога се лупат пиперки за ајвар. Секој со својот сад во скутот, како деца се тркавме кој ќе има на крајот повеќе зелени топченца. А ручекот со млад грашок како прилог за некое убаво вкусно мевце или пак сам за себе, во веге варијанта, беше навистина вкусен пролетен оброк.

Ако барате нови идеи за подготвување на грашокот, пробајте да направите хумус, кадешто грашокот ќе ви биде замена за наут или пак направете пире наместо она вообичаеното – од компири.

Песто од грашок

Сварете 300 г грашок па измешајте го во блендер со лажица сок од лимон, 3 лажици крем сирење, млад кромид и копар. Додадете и 3 лажици маслиново масло, 100 г рендан пармезан и лажица бланширани бадеми. Ова кремаво песто од грашок е одличен додаток за тестенини или фил за лазањи, но можете да го јадете и само така, намачкано на препечено лепче.

Зелено пире

Пропржете сечкана главица кромид па додадете 500 г грашок, власец и 1 дцл вода. Динстајте додека грашокот не омекне, па измешајте го со путер или ако повеќе сакате, со маслиново масло. Послужете го како прилог со пржена роба, компирчиња, месо или морски плодови.

Хумус без наут

Сварете околу 400 г грашок и изблендирајте го додавајќи му по потреба по некоја лажица вода во која се варел. Две лажици сусам пропржете во тава додека не замириса па измешајте ги со малку маслиново масло додека не се направи како паста. Додадете го во грашокот и блендирајте со 50 мл маслиново масло, сок од 1 помал лимон, сол и црн пипер. По желба додадете и лукче или рен.