Фокача со домашен квасец

Го споделуваме со вас овој рецепт за фокача направена со домашен квасец и премачкана со блендирани марокански солени лимони. Вкусот е навистина посебен.

0
261
Еве го и рецептот за оваа вкусна фокача направена со маја (стартер), од нашата читателка и пријателка Бојана Димитрова, а испробана од ‘Арт кујна’.
Состојки:
50 г стартер
375 г вода
10 г мед или шеќер
500 г брашно тип 500 (или мешано тип 400 и тип 500)
9 г сол
маслиново масло
Приготвување:
Исто како за лебот, сите состојки се мешаат со вилушка, па тестото се остава покриено со влажна крпа да нарасне, обично преку ноќ. Тука нема тегнење и преклопување како кај лебот.
Откако тестото ќе нарасне двојно или повеќе, намачкајте го тавчето обилно со маслиново масло и префрлете го тестото во него. Покријте го со влажна крпа и оставете го повторно да расте саат или два, а потоа прелијте го со уште маслиново масло и развлечето го со раце кон краевите на тавчето.
Со прстите притискајте по површината на тестото да направите дупчиња и можете да ставите некои додатоци фрз фокачата.
Бојана обично ја прави само поросена со смелена крупна сол, ама многу е вкусна и со блендирани марокански солени лимони. Ставете по 1/4 лажичка во некои дупчиња или, ако не успеавте да ги направите лимоните, ставете мали патлиџанчиња, лукче, рузмарин…
Фокачата се пече околу 25 минути во рерна загреана на 200°C.