Јадете мушмули? А сирење од мушмули?

Мушмулата го подобрува варењето, го намалува холестеролот, спречува анемија и надуеност. Вкусните кафеави плодови од мушмула имаат силно антиинфламаторно дејство врз целиот организам.

0
478

Речиси е неверојатно колку заборавени плодови од нашето детство има откако се појавија авокадото и мангото.

Дури мислам дека се храневме многу поразновидно отколку сега, иако денешната понуда на пазарите изгледа навистина импресивно. Можеби немаше егзотични плодови, од овие кои денеска ги има, ама имаше конзерви со компот од ананас, имаше банани и со гајби портокали и мандарини. И секако, тикви во изобилие, дуњи, јаболки, круши, калинки, оние убави рокчиња (чичоки) кои ги грицкавме по цел ден, рогач и, се разбра, мушмули.

Мислам дека поголемиот дел од денешниве деца и млади никогаш не пробале мушмула, а не пак чичоки или трупки. А да бидеме искрени, и јас ретко ги купувам. Малку е здодевно да се плукаат оние семки кои не можете никако поинаку да ги издвоите освен во устата, па е проблем да се јадат додека работите на компјутер, но кога ќе се сетам на вкусот, добивам желба веднаш да ‘смачкам’ едно купче, онака, како порано.

Бидејќи е сега сезона на мушмули, вистинско време е да го испробаме и рецептот за сирење од мушмули. Така можеме да им го подметнеме и на децата кои сакаат само да лапнат и да голтнат, без да се мачат со плукање на семки и кожички.

Инаку, мушмучите веќе со векови се користеле за проблеми со варењето на храната, бидејќи успешно ги потиснуваат цревните и стомачните инфекции и спречуваат надуеност. Исто така, тие се силен природен лаксатив, а поради нивното антивирусно и антибактериско дејство помагаат во ублажување на крајниците и на дишните патишта.

Пектинот кој го содржи ова овошје исто така помага во намалување на холестеролот.

Мушмулите се богати со железо, што е клучен дел од протеинот на хемоглобинот, кој на крвта ѝ дава темно црвена боја и го пренесува кислородот до клетките. Ова практично значи дека мушмулата може да спречи и лечи анемија предизвикана од недостаток на овој минерал.

Дури и зелените плодови од мушмула можат да бидат лековити, бидејќи се користат за правење чај кој успешно лекува дијареја. Зелената мушмула е позната и како одлично антиинфламаторно средство – помага при третман на отворени рани (афти) во устата.

Против афти

Чајот се подготвува од лажица сечкана зелена мушмула и два децилитри вода. Сечканите плодови се истураат во топла вода, се покриваат, се оставаат да отстојат еден час, а потоа се цедат. Во текот на денот, се пијат две чаши од течноста, а усната шуплина се исплакнува неколку пати на ден.

А еве и како да направите сирење од мушмули

Сирењето направено од овошје било широко распространето за време на доцниот среден век и ренесансата, кога често се подготвувале слични деликатеси со дуњи и круши.

Состојки:

2 кг меки и зрели мушмули

750 мл вода

шеќер
ванила
кора од портокал
сол

Приготвување:

Ставете околу 2 кг мушмули во тенџере и додадете 750 мл ладна вода, без да ги отстранувате семките или лушпата. Потоа, со помош на гмечалото за пире од компири здробете ги плодовите и добро измешајте ги со водата.

Ставете ги да вријат околу 20 минути, такашто пулпата ќе излезе целосно од семето и лушпата. Овој чекор е важен за да избегнете да ги лупите и да ги вадите семките мушмула по мушмула.

Откако ќе се заврши ова, истурете го пирето во голема цедалка под која претходно сте ставиле сад во кој ќе паѓа пулпата. И сега, само треба темелно да мешате неколку минути и целата пулпа ќе се оддели!

Сега, процедете го пирето низ чиста газа и исцедете што е можно повеќе течност, но ако е пулпата уште топла внимавајте да не се изгорите. Тргнете го настрана целиот сок што ќе ви треба за да подготвите желе од мушмула.

Но, да се вратиме на нашата пулпа. Измерете ја пулпата и додадете половина од нејзината тежина шеќер. Се меша со прстофат сол, ванила и рендана кора од портокал.

Ставете го тенџерето на шпоретот и загревајте додека шеќерот не се раствори и продолжете да мешате за да спречите да се залепи на дното.

Штом ќе биде подготвено, истурете го сирењето во калапи (може во оние за мафини) и оставете го да се зацврсти.
Откако ќе се олади превртете го на решетка и оставете да се исуши додека не изгуби уште вода.

Чувајте го во кутија во фрижидер и послужете го (послужете ги) сирењето попрскано со шеќер во прав и рендана кора од портокал.

Рецептот и фотографијата се од ТУКА.