Колку и да се трудите да го селектирате отпадот иако кај нас и нема реални услови за тоа, сепак можете да згрешите доколку погрешно ставите материјали кои не можат да се рециклираат во ист куп со оние што можат.
Она што можете да го направите е да се едуцирате за да не направите грешка, па да им ја отежните работата на рециклирачите и да ја загрозите околината. Во овој текст, ќе ви обрнеме внимание на оние материјали што не треба да се ставаат во канта за амбалажен отпад и да ви ги посочиме вистинските начини како правилно да се ослободите од таков материјал.
Ајде да провериме што не треба да ставате во кантите, кутиите или контејнерите за амбалажен отпад.
Пластични кеси
Иако некои пластични кеси се рециклираат, тие не треба да се ставаат во кантите за амбалажен отпад. Тие се изработени од тенка пластика што може да го загрози процесот на рециклирање. Можат да се заглават во машината, а работниците во центрите за рециклирање треба да ги запрат за да ги отстранат кесите.
Сето ова не води до заклучок дека треба да го извадиме амбалажниот отпад од кесата пред да го ставиме во кантата или да го чуваме во хартиени кеси што може да се рециклираат. Кесите за пакување производи како што се леб, весници, зеленчук и овошје, како и кесите што ги купувате на каса, ѝ припаѓаат на оваа категорија и сите тие завршуваат во депонија. Затоа е важно да ги носите вашите платнени торби кога одите на пазарење за да создадете што е можно помалку ѓубре.
Капачиња
ПЕТ-шишињата, во кои обично се пакуваат вода и сокови, немаат ист состав како капачињата. Имено, капачињата се изработени од полипропилен, такашто постои разлика во процесот на рециклирање – точката на топење на пластичните шишиња и нивните капачиња се разликуваат за 100 степени.
Затоа, важно е да го отстраните капачето и да го одделите од шишето пред да го фрлите во кантата за амбалажен отпад. Веројатно знаете за онаа акција за собирање капачиња и некое место кадешто е одредено тие да се оставаат. Кај нас, со сигурност знам дека еден период се оставаа во Заводот за рехабилитација во Козле. Оваа акција имаше и хуманитарна цел.
Храна
Најдобар начин за отстранување на отпадоците од храна е компост. Никогаш не треба да ја ставате преостанатата храна во кантата за амбалажен отпад. Неопходно е да се исчисти амбалажата од храна пред да се стави во кантата и ако е многу валкана, тогаш не треба да се рециклира. Пакувањето треба да биде чисто и суво за да може да се рециклира.
Дури и валканата кутија од пица не може да се рециклира.
Пелени
Ставањето чисти и нечисти пелени во кантата за амбалажен отпад е многу лоша идеја. Тие не можат да бидат рециклирани, па затоа треба да бидат фрлени во ѓубре. Пелените се изработени од повеќеслоен материјал што не може да се одвои. Како прво, тие се валкани по употребата, а нечистиот отпад не може да се рециклира.
Ако работевте во центар за рециклирање, сигурно немаше да сакате да наидете на пелени кои го имаат извалкано отпадот кој може да се рециклира, нели?
Опасен отпад
Пакувањата што содржат опасни производи не можат да се рециклираат. Сè што е запаливо, корозивно или токсично, ќе го загрози процесот на рециклирање. На пример, маслени бои, моторно масло, гориво, токсичен или медицински отпад никогаш не треба да се ставаат во кантата за амбалажен отпад, дури и ако шишињата се празни.
Опасниот отпад мора да се управува на начин што ќе обезбеди најмал ризик за животот и здравјето на луѓето и животната средина. Мора да бидете особено внимателни кога станува збор за вакви производи затоа што ако не се чуваат на добар начин, тие можат значително да ги загрозат почвата, водата, па дури и здравјето на луѓето.
Батерии
Сите ние користиме барем по килограм батерии годишно, а голем број од нив завршуваат во ѓубре, што може да биде многу ризично.
Бидејќи батериите содржат опасни материи како олово, кадмиум и жива, тие се опасен отпад и не треба да се ставаат во кантатите за амбалажен отпад. Батериите и акумулаторите не треба да бидат фрлани ниту со комуналниот отпад.
Со распаѓањето, металите од батериите одат во земјата, во подземните води, па на тој начин влегуваат и во синџирот на исхрана, а со горење стигнуваат во воздухот, а потоа и во водата и почвата.
Тие треба да се фрлаат на означените места кои ги има во специјализираните продавници за електро опрема. Сигурно сте виделе специјални канти за батерии на повеќе места.
Е-отпад
Телевизорите, компјутерите, фенови за коса, правосмукалки и други електрични уреди никогаш не треба да се ставаат во контејнерот за амбалажен отпад. Постојат многу начини на кои можете да се ослободите од старите уреди.
Електронскиот отпад спаѓа во групата опасен отпад, затоа не треба да се отстранува во ѓубре. Можете да заработите и нешто пари од нив, такашто нема причина да не се обидете да пронајдете начин да им дадете нов живот. Повеќето собирачи на е-отпад ќе дојдат на вашата адреса за да ги соберат вашите стари уреди, па зависи од вас само дали ќе ги повикате.
Повеќето повеќеслојни пакувања
Што да направите со пакувањата од грицките? Овие производи обично се пакуваат во флексибилна амбалажа направена од повеќеслоен материјал, такашто не може да се рециклира. Нивниот состав можеби и е рециклажен, но кога овие материјали се комбинираат, тешко се одвојуваат и не можат да се рециклираат заедно.
На пример, пакувањето од чипсовите се состои од слој од пластика, но има и тенок слој од алуминиум кој го штити производот од влага, воздух, светлина и со тоа ги одржува свежи и безбедни за јадење. Исто така, не може да се рециклираат ниту хартиените чаши за еднократна употреба. Тенкиот пластичен слој во внатрешноста на чашата спречува истекување, но исклучително е тешко да се одвои од хартиената чаша. Ова значи дека чашите не можат да се рециклираат како хартија, ниту како пластика. Нивната крајна дестинација е обично депонијата.
Сепак, постои повеќеслојна амбалажа која може да се рециклира – Тетра Пак. Нив можете да ги ставите во контејнерите за амбалажен отпад. Тетрапакот се состои од 75% картон, 20% пластика и 5% алуминиумска фолија, а главно се користи за пакување млеко, сокови, јогурт и други пијалоци. Тој се преработува во специјални погони и може да се претвори во квалитетна хартиена маса.
Стиропор
Иако на него често можете да видите триаголник што може да ве доведе во заблуда дека стиропорот е рециклажен, неговата употреба треба да се избегнува. Кога ќе се запали, ослободува гас стирен гас кој влијае на нервниот систем. Полистиренот се состои од мал процент на нафта и мешавина од материјали, вклучувајќи пластика. Тешко е да се раздели во хемиски компоненти, што го отежнува процесот на рециклирање.
Многу ресторани користат стиропор за пакување храна, па затоа е најдобро да доведете свои садови за да создадете што е можно помалку ѓубре.
Чаши и прибор за јадење
Откако ќе ги искористите картонските садови за јадење, храната остава нечистотија и ставањето такви чинии во кантата за амбалажен отпад негативно влијае на процесот на рециклирање.
Важно: Измијте ги садовите пред да ги ставите во кантите за рециклирање
Ако претпоставите дека некој во фабриката за рециклирање ќе го измие вашиот пластичен сад од шампон, сирење или сос од домати, не сте во право. Уредите за рециклирање обично не вклучуваат плакнење на пластичните садови пред обработката, па затоа е неопходно добро да ги исплакнете пред да ги исфрлите. Неисчистениот сад може да загади голема количина на добри материјали за рециклирање.
Проблемот со пластичните чаши што најчесто се користат во клубовите и на фестивалите е од различна природа. Тие може да имаат ознака за рециклирање на нив, но заради нивната леснотија, тие отскокнуваат при обидот да се рециклираат, и не можат да бидат обработени и претворени во нов ресурс.
Пластичните чинии и прибор за јадење најчесто содржат триаголник кој го содржи бројот 7. Овој број е познат како категорија за „сè друго“. Материјалите од оваа категорија се претежно биоразградливи, такашто може да се разградат со делување на живи организми, но не и со рециклирање.
Имено, броевите од една до седум, беа развиени од индустријата за пластика во доцните 80-ти. Наспроти популарното верување, не е можно да се рециклира пластика со сите броеви. Цврстата пластика со броевите 1 и 2, како што се амбалажите за шампони или детергенти за перење и разни пластични шишиња со врат и капачиња на навртување, најчесто се рециклираат.
Броевите од три до седум вклучуваат мека пластика и обично не се рециклираат.
Пластиката не може да се рециклира многу пати, засекогаш
Симболот за рециклирање на пакувањето предизвикува слика на затворен круг. Сепак, една од најголемите заблуди за пластиката е дека може да се рециклира во ист тип на артикал и дека може да се рециклира безброј пати. На пример, производителите на пијалоци обично употребуваат само мала количина на рециклирана пластика во новите шишиња, бидејќи за разлика од новата пластика, 100% рециклираната пластика не е транспарентна, така што производителите ја избегнуваат. Пластично шише има поголема веројатност да се рециклира во некоја облека или килим отколку во ново шише.
Покрај тоа, пластиката се деградира во квалитет кога се рециклира, а експертите проценуваат дека може да се рециклира само еднаш или двапати. Потоа се отстранува, се пали или завршува во околината.
Со знаење до почиста планета
Единствениот начин да се намали ѓубрето на нашата планета и да се искористи потенцијалот на ресурсите што ги имаме, е да се едуцираме. На почетокот, правилата за рециклирање можеби ќе ви изгледаат збунувачки, но со тек на време ќе разберете што можете да ставите во канта, а што не. Ако не сте сигурни, проверете на Интернет или прашајте пријател кој го селектира отпадот подолго од вас.
Ако сакаме, ќе најдеме изговор за нашето неодговорно однесување кон околината. Вашите постапки имаат последици, затоа размислете пред да фрлите!
Фото: Unsplash