Сезона е на костени, па ако сте љубители, нема шанси оваа торта да не ви се допадне. Единствен проблем е што ќе ви треба многу време за да го направите костен пирето. Затоа постои опција и со купечко, замрзнато костен пире. Секако, не е баш исто.
Инаку, останатиот дел од работата е лесен и брз.
Вреди да се помачите.
Состојки:
5 јајца
250 гр путер
50 гр шеќер
2 кесички ванилин шеќер
100 гр брашно
Костен пире од 1 килограм костени (лупејќи ги веројатно ќе изедете барем 200 грама, такашто количината не е баш прецизна. Во секој случај, колку повеќе, толку подобро) Ако употребувате замрзнато пире од костен веројатно ќе ви бидат доволни 500 гр.
100 гр шеќер во прав
150 гр чоколадо
Приготвување:
Изматете 100 гр путер со 50 гр шеќер, 100 гр брашно, додадете 5 жолчки, измешајте уште малку и на крајот додадете ја смесата во цврсто изматениот снег од 5 белки.
Истурете го тестото во подмачкан, набрашнет плех и печете го околу 30-35 минути, зависно од рерната.
Пирето од костени направете го додавајќи млеко по потреба. Треба да биде густо.
И не мора баш целосно да ја излупите внатрешната кожичка.
Фил: Убаво изматете 150 г путер со 100 г шеќер во прав и ванилин шеќер. Се меша со пирето од костени за да се добие компактна маса со која ќе го премачкате изладениот колач.
Одозгора прелијте го со растопено чоколадо (растопете го чоколадото во малку млеко и со парче путер).
Оставете го да се стегне и послужете.